Завод и музеј Охрид не се надлежни за издавањето одобрение за хотелот во Лагадин

Од охридската локална самоуправа сметаат дека нема ништо спорно во изградбата на хотелот на Лагадин, а од Завод и музеј Охрид се произнесоа дека немаат надлежност околу издавањето одобрение за градба на хотелот во Лагадин.

– НУ Завод и Музеј од Охрид нема надлежност да изработи заштитно-конзерваторски основи за општ акт за село Лагадин ниту, пак, има каква било надлежност при ревизијата на проектната документација за предметниот објект и при издавањето на потребното одобрение за градење. Надлежностите на националната установа завршуваат со констатацијата дека на предметниот простор не постојат заштитени или евидентирани споменички добра или археолошки локалитети – изјави за „Охрид њуз“, директорката Тања Паскали-Бунташеска.

Пред да биде изработен општиот акт за село Лагадин, од Завод и музеј Охрид било побарано мислење за евентуално постоење на заштитени или евидентирани споменички добра, како и за постоење на евидентирани или заштитени археолошки локалитети, за што тие дале негативен одговор.