Закажано гласање доверба на владата во Романија

Романската влада на левиот центар денеска ќе се соочи со гласање доверба во парламентот поради усвојувањето на уредбата за декриминализација на одредени облици на корупција, поради кој стотина илјади лица протестираат на улиците.

Се очекува владата на премиерот Сорин Гриндеану да добие доволна поддршка, бидејќи владејачката Социјалдемократска партија и нејзиниот помал коалициски партнер, Алијанса на демократски либерали, имаат мнозинство во собранието.

Владата минатата недела го заобиколи парламентот и по итна постапка усвои указ со кој одредени облици на корупција престануваат да бидат казниво дело. Критичарите велат дека од тоа корист би имале функционери што се обвинети за корупција.

Ова се најмасовни протести по падот на комунизмот во Романија во 1989 година. Како резултат на протестите, владата ќе ја испрати уредбата на разгледување во парламентот.

Претседателот Клаус Јоханис претходно изјави дека земјата се наоѓа во голема политичка криза.