Водачите на Каталонија ќе бидат обвинети за бунт

Врховниот јавен обвинител на Шпанија ќе поднесе обвинение за бунт против сите одговорни за гласањето во каталонскиот парламент за независност на Каталонија, јави „Индипендент“.
Според портпаролот на обвинителството, обвинителот разгледува дали обвинението треба да се однесува само на владата на регионот Каталонија, вклучувајќи го и претседателот Карлес Пучдемон, или и на пратениците во регионалниот парламент. Според анонимниот извор од обвинителството, обвиненијата би можеле да бидат поднесени веќе в понеделник.

Во меѓувреме, на улиците на Барселона и во други градови веќе има прослави на независноста.

Пратениците на каталонскиот парламент денеска на тајно гласање прогласија независност на Каталонија од Шпанија. Гласањето го бојкотираа пратениците од опозицијата. Каталонскиот парламент гласаше за почнување на конститутивен процес за одвојување на Шпанија со 70 гласа „за“, 10 „против“ и два неважечки.

Кратко потоа, Сенатот на Шпанија изгласа овластувања за шпанската влада да преземе директна контрола врз сепаратистичкиот регион, односно ја укина автономијата и им ги одзеде овластувањата на сепаратистичките водачи на Каталонија.