ВМРО-ДПМНЕ: Владата на СДСМ со законот за амнестија прави изборна корупција

Одлуката на Владата на СДС за носење на амнестија е неиздржана и дневно политичка, стои во реакцијата на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за предлог-законот за амнестија усвоен вчера на владина седница.

„Заев, иако ветува, нема да донесе амнестија пред изборите, но на овој начин сака да ги излаже и затворениците да гласаат за нив на изборите. Ова се вика и изборна корупција. Ваквите дворски криминално-коруптивни игри нема да им успеат. Тие ќе бидат казнети од граѓаните на изборите на 15 октомври“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Од партијата реагираат на привременото пуштање од затвор на Бајруш Сејдиу, осуден за 12-годишна затворска казна за перење пари, насилство, злосторничко здружување и за фалсификување.

„Заев пушта на слобода криминалци во пресрет на локалните избори. Со ова Владата на СДС станува синоним за бандитизам и за криминал. Овие луѓе со кривични дела зад себе ќе бидат ставени во функција во изборниот период. Заев знае дека ќе загуби и сега се ориентира кон недемократски методи кои значат корупција и уривање на демократскиот амбиент за избори“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.