ВМРО-ДПМНЕ поднесе интерпелација и за Садула Дураку

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија денеска поднесоа интерпелација за министерот за животна средина и просторно планирање, Садула Дураку.

Тоа е петтиот министер од владата на Зоран Заев за кого опозициската коалиција неделава поднесува интерпелација.

За интерпелацијата на Дураку, пратениците како причина го наведуваат тоа што тој е „виновен за крајната негрижа и неодговорност за животната средина“. На товар му ставаат дека „повеќе од три месеци граѓаните на Струга живеат во канцероген чад, граѓаните на Тетово и на Куманово мака мачат со дивите депонии, додека една третина од територијата на Република Македонија е во пламен и се кратат средства од буџетот за рехабилитација на деца кои биле жртви на загадувањата во нивните средини“.

– За сето ова ниту една институција не смогна сили да им излезе во пресрет на граѓаните бидејќи за Владата и за Министерството за животна средина и просторно планирање приоритет се партиските вработувања и назначувањето на неспособни и некомпетентни директори и функционери во институциите – рече пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Затуроска, образложувајќи ја интерпелацијата.