Владата ги разреши членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија

Владата на денешната седница одлучила да се разрешат членовите на сите управни и надзорни одбори на јавните претпријатија, јавните здравствени установи, јавните установи за социјална работа, агенции и други правни лица, поради тоа што кај дел од нив е регистрирано неодговорно однесување и потпишување договори, кои му нанесуваат штета на буџетот на државата. Исто така, одлучено е да се отповикаат членови на комисии и членовите на секој надзорен одбор и одбори на директори од акционерските друштва во државна сопственост, а за регулаторните тела да се достави предлог за разрешување на управните одбори до Собранието на Република Македонија. Владата засега нема одлучено кој ќе седне во управните и во надзорните одбори.

mile boshnjakovskiВладата го именува поранешниот новинар Миле Бошњаковски за нов портпарол, соопшти денеска владината прес-служба.

„Беше заклучено дека огромното искуство и професионалниот капацитет што Бошњаковски ги поседува во областа на комуникациите, е цврста гаранција за понатамошното транспарентно, навремено и отчетно информирање на граѓаните за активностите на Владата на Република Македонија“, стои во соопштението.

Бошњаковски како новонар работеше во телевизите „Канал 5“ и во „МТВ“, а од 2005 до 2010 година беше директор за корпоративни комуникации во „Т-мобајл“. Од 2010 година работи како специјалист за комуникации и застапување во Фондот на ОН за население (УНФПА).

Претседателот на Владата и министрите одлучиле министерката за одбрана Радмила Шекеринска да биде назначена за претседател на Организациониот одбор за прославата на државниот празник 2 Август – Ден на Републиката.

Исто така на седницата била разгледана и усвоена информацијата за статусот на спроведување на проектот Национален портал за електронски услуги за граѓаните. Зо овој проект, задолжените министерства и државни институции ќе треба да ги издвојат 50 најважни сервиси кои граѓаните треба да ги добиваат по електронски пат. Министрите и премиерот ја усвоиле и информацијата за тендерската постапка за доделување договори за јавно-приватно партнерство за финансирање, одржување и развивање на дистрибутивен систем на природен гас во регионите 1, 2 и 3, како и информацијата за мулти-индикаторското, кластерско истражување со кое се оценува состојбата на социјалниот статус на жените и на децата.