Уставниот суд одлучува за законитоста на распуштањето на Собранието

Уставниот суд денеска треба да одлучи за уставноста и законитоста на одлуките за распуштање на Собранието, со одложено дејство, од 18 јануари и 23 февруари, оваа година.

На минатата седница, одржана пред точно една недела, уставните судии едногласно прифатија да ја разгледуваат иницијативата поднесена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), со која се оспорува распуштањето на Собранието.

Судиите, во меѓувреме, донесоа времена мерка за запирање на сите активности и дејствија поврзани со изборите.

Прифаќањето на иницијативата и носењето на времената мерка отвори можност за повторно свикување на Собранието, што спикерот Трајко Вељаноски го направи истиот ден (во средата, минатата недела), на која пратениците едногласно го избришаа од Изборниот законик 5 јуни, како ден на кој треба да се оддржат предвремените парламентарни избори. Нов датум за одржување на изборите не е предвиден.