УХМР предупредува на можно излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и на Вардар

Врнежите во последните 24 часа ги зголемија нивото на сите водотеци во Македонија, а особено на реките во западниот дел на земјата, велат од УХМР.

Според податоците на Управата, најголеми промени на водостојот има на реките Радика кај Бошков мост, Сатеска кај Ботун и на Вардар кај Јегуновце, а продолжувањето на врнежите може да доведе до излевање на Радика, Црн Дрим, Сатеска и на Вардар.

„Се очекува да продолжи зголемувањето на нивото на сите водотеци со оглед на најавите од синооптичарите дека врнежите ќе продолжат, а ќе бидат најобилни во југозападните и во источните делови на земјава, каде се очекуваат повеќе од 60 литри на еден квадратен метар“, велат од УХМР.

Поради можните излевања од УХМР предупредуваат на внимателно движење покрај водотеците и суводолиците.