Ципрас: Доколку соседите имаат искрена намера, постои прозорец за решение на името

Постои прозорец за решение доколку навистина има искрена намера од соседите, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во неговото обраќање пред министрите на денешната седница на грчката влада. Тој додаде дека во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во таа насока.

Грчкиот премиер истакна дека 2018 година, без сомнеж, ќе биде година полна со предизвици, но и со важни можности што не треба да се испуштат, не само во економијата, туку и во надворешната политика, а како пример го спомена прашањето за името.

– Имаме прозорец за решение, доколку се покаже дека промената на ставот на нашите соседи е искрена. Решение, кое ако се постигне ќе биде во корист на мирот и соработката на Балканот, но и во корист на една нова динамика за нашата земја во поширокиот регион. Во следните денови ќе се покаже колку е изводливо да се направат суштински чекори во оваа насока – рече Ципрас.