Трамп смета дека не е време за разговори со Северна Кореја

Американскиот претседател Доналд Трамп смета дека не е време за разговори со Северна Кореја и дека сите опции се отворени за одбрана на САД и на нејзините сојузници.

Трамп вчера телефонски разговарал со премиерите на Австралија и на Велика Британија, Малком Трнбул и Тереза Меј, за последната нуклеарна проба на Северна Кореја, соопшти денеска Белата куќа, јавуваат светските агенции.

Претседателот на САД во разговорот со британската премиерка рекол дека сега „не е време за разговори со Северна Кореја“ и јасно ставил до знаење дека сите опции се отворени за одбрана на САД и на нејзините сојузници од агресијата на Северна Кореја.

Меј и Трамп изразиле одлучност за блиска соработка во зајакнувањето на дипломатскиот и на економскиот притисок врз Пјонгјанг.

Во разговорот со премиерот на Австралија, Малком Трнбул, Трамп ја потврдил посветеноста на Вашингтон во одбраната на земјата и на сојузниците, „користејќи ги сите достапни дипломатски и воени капацитети“, се наведува во соопштението на Белата куќа.

Трамп вчера најави дека неговата администрација ќе им дозволи на Јапонија и на Јужна Кореја да набават поголемо количество софистицирано оружје.

Вашингтон и Сеул размислуваат и за разместување на носачи на авиони и на стратешки бомбардери во регионот.

САД на седницата на Советот за безбедност на Обединетите нации побараа заострување на санкциите кон Пјонгјанг, на што се противат Русија и Кина.