Трамп го обвини Обама дека го прислушувал пред изборите

Претседателот на САД, Доналд Трамп, денеска го обвини својот претходник, Барак Обама, дека го прислушувал пред претседателските избори, кои се одржаа на 8 ноември минатата година.

Трамп обвинувањата за прислушување ги изнесе во неколку пораки на својот твитер-профил, не наведувајќи детали или докази.

„Страшно. Штотуку дознав дека Обама ме прислушувал во Кулата Трамп непосредно пред мојата победа“, напиша Трамп на „Твитер“.

Тој додава дека се работи за „макартизам“, алудирајќи на потрагата по симпатизери на комунизмот во САД во 50-тите години од минатиот век.

Трамп, во друга порака го обвинува Обама дека „отишол многу ниско“ со прислушувањето за време на изборната кампања и наведува дека „ова е нов Вотергејт“.