Исплатата на субвенциите за тутунот ќе почне в четврток


Скопје, 15 мај, 2018 - 14:26 (META) 

Исплатата на субвенциите за тутунот од реколтата 2017, ќе почне в четврток информираат од Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според податоците од Агенцијата за финансиска поддршка, во земјоделството и руралниот развој зголемени субвенции ќе добијат над 23.400 тутунари, по просечна цена од 217,6 денари за килограм.

„Со новиот начин на зголемено субвенционирање во три нивоа кој започнува со реколтата 2017, субвенцијата за прва класа тутун е 80 денари субвенција, за втора класа 70 денари и 60 денари е третото ниво за трета и четврта класа како и за дополнителни класи. Целта на новиот модел на субвенционирање е да се поттикнат тутунарите да произведуваат поквалитетен тутун за да добијат повисока субвенција“, се вели во соопштението на МЗШВ.


Николовски учествува на конференција за дигитално земјоделство во Софија


Софија, 20 април, 2018 - 14:54 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски учествува на меѓународна конференција „Заедно за силно дигитално земјоделство“, што се одржува во Софија.

На панел-дискусијата, Николовски рече дека воведувањето на новите технологии во земјоделството е приоритет на секоја држава која што цели кон создавање на едно модерно, развиено и конкурентно земјоделско производство.

„По поврзаноста помеѓу регистрите и базите на податоци на релевантните институции – министерството, Платежната агенцијата и Агенцијата за храна и ветеринарство, како и дигитализацијата на земјишните парцели преку Системот за идентификација на земјишни парцели, имаме постигнато целосно спроведување на Интегрираниот систем за администрација и контрола (ISAC). Поднесувањето на барањата за државна поддршка се врши по електронски пат, а Регистарот за земјоделски стопанства и Мрежата на сметководствени податоци на земјоделските стопанства (FADN) е надграден со повисоки стандарди,“ изјави Николовски.

Во рамките на конференцијата, Николовски се сретна со бугарскиот колега Румен Порожанов, на кој што се договориле заеднички активности и сериозна поддршка од бугарското министерство во модернизација на земјоделството и подготовка за пристапниот процес во Европската унија.


Барања за земјоделски субвенции може да се поднесуваат до 15 мај


Скопје, 23 март, 2018 - 13:40 (META) 

Земјоделските стопанства ќе можат да поднесуваат барања за субвенции за 2018 година до 15 мај, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во програмата се предвидени 6 милијарди и 210 милиони денари кои се наменети за директни плаќања.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, а доколку барателите имаат потреба од помош или не се во можност самите да го креираат барањето, за помош може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата на својата веб-страница www.ipardpa.gov.mk ги објави упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде ќе може да поставуваат прашања за поднесување на барањата.


УСАИД годинава одбележува 25 години од работата во Македонија


Скопје, 5 јануари, 2018 - 14:12 (META) 

Американската агенција за меѓународен развој во Македонија, УСАИД, годинава одбележува 25 години од работата во Македонија. Во партнерство со граѓаните, институциите, компаниите, здруженијата и организациите, УСАИД поддржа различни проекти, за да го подобри квалитетот на животот на граѓаните.

Меѓу првите проекти на УСАИД, беше проектот „Од земјоделец на земјоделец” во 1993 година.

„Целта на овој проект беше поддршка на растот на економијата, имајќи го предвид потенцијалот на земјоделството и можноста Македонија да стане рамноправен учесник на меѓународниот пазар во поглед на понудата на квалитетни земјоделски производи“, се вели во соопштението.

Со поддршка на УСАИД, се поставија стандарди за производство на македонски производи со додадена вредност и висок квалитет.

Во 2000 година, повеќе од две третини од македонските граѓани го препознаваа „знак за квалитет”, кој го добија 171 производ од млечната и месната индустрија, а повеќе од 70 проценти ги променија своите навики за купување, одбирајќи производ што го носи „знакот за квалитет”.

До 2002 година, Македонија воопшто не извезуваше млечни производи, но преку разните проекти на УСАИД во овој домен, по само четири години, се реализираше извоз на млечни производи во Соединетите Американски Држави во вредност од над еден милион долари, како и свежо јагнешко месо на пазарите во Грција, Италија и Хрватска.

„Во 2007 година, УСАИД започна со реализација на програмата „АгБиз“. Проектот резултираше со директна техничка поддршка на 372 агро-бизниси, 34 асоцијации на производители и пет бизнис асоцијации. Проектот исто така стимулираше инвестиции во земјоделството од речиси 19 милиони долари  и создавање на 637 нови работни места кои пак придонесоа за зголемување на приходите на повеќе од 42 илјади домаќинства во руралните делови на земјата“, додаваат од УСАИД.

Преку проектот за поддршка на мали и средни претпријатија, УСАИД многукратно ја подобри продуктивноста на производителите на пченка, како модел што ќе овозможи да се намали зависноста од увоз на пченка и конкурентно производство на храна за добиток.

Преку проектот за Регионален економски развој, УСАИД работи на поврзување на агробизнисите од Македонија и од регионот со водечките мрежи за увоз и дистрибуција на свеж, замрзнат и преработен зеленчук и овошје како и со некои од најголемите ланци на супермаркети во Европа и други алтернативни пазари.

„УСАИД ќе продолжи да работи со властите во Македонија и со домашните компании за да им помогне да станат поконкурентни и да ги развијат своите бизниси“, велат од агенцијата.


МЗШВ плати 137.000 евра заостанати долгови за членарини во меѓународни организации


Скопје, 25 декември, 2017 - 14:52 (META) 

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ) плати 137.000 евра по основ на заостанати долгови, за претходни години, за неплатени членарини во меѓународни организации за земјоделство, информираат од таму.

Станува збор за долгови за членарини во Организацијата за храна и земјоделство при ООН (ФАО), Меѓународната организација за вино (ОИВ) и Европската и медитеранска организација за заштита на растенија (ЕППО).

„Членството во ФАО е од исклучителна важност за Македонија, бидејќи токму преку оваа организација се спроведуваат клучни проекти за македонското земјоделство, како што се проектот за консолидација на земјоделското земјиште, за реонизација на земјиштето според почвените карактеристики, како и поддршка за полесен пристап до меѓународниот финансиски инструмент, Зелен климатски фонд“, се додава во соопштението на МЗШВ.

Податоците покажуваат дека претходната власт, за ФАО, до 2012 година не плаќала ништо. Потоа, следните години се плаќале минимални износи, а реалните долгови само се акумулирале. Цели пет години не се плаќала членарината во ЕППО, а три години не била платена членарината во ОИВ.

„Од централата на ФАО во мај годинава пратија допис до македонското Министерство за надворешни работи со предупредување дека Македонија поради неплатената членарина ќе го изгуби правото на глас“, соопштуваат од МЗШВ.


Николовски: Со предлог-буџетот за 2018 година ќе го зголемиме земјоделското производство


Скопје, 2 декември, 2017 - 16:09 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска го презентираше предлог-буџетот за 2018 година за ова министерство, кој изнесува 165 милиони евра.

– Со предлог-буџетот за секторот земјоделство ќе обезбедиме целосна, навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделството, поголемо производство на домашни квалитетни и безбедни земјоделско-прехранбени производи, ќе го вратиме доистоинството на македонскиот земјоделец затоа што само така ќе го направиме македонскиот аграр модерен, конкурентен и по европски стандарди – рече Николовски.

Најголем е предлог-буџетот за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, кој изнесува 8,6 милијарди денари.

– Од оваа сума, 8,4 милијарди денари се предвидени за директна финансиска поддршка во земјоделството и за рурален развој. Со планираната директна финансиска поддршка од 6,6 милијарди денари, ќе го унапредиме и зголемиме земјоделското производство и ќе овозможиме навремена и неселективна исплата на субвенциите, тогаш кога на земјоделците им се најпотребни – додаде Николовски.


ЕК се надева на поголема искористеност на средствата од новата програма ИПАРД


Брисел, 24 октомври, 2017 - 13:14 (META) 

Јиржи Богдан Плева, генерален директор за земјоделство и рурален развој во Европската комисија, на средбата со министерот за земјоделство, шумарско и водостопанство, Љупчо Николовски, во Брисел, позитивно го оценил големиот интерес и бројот на доставени барања за користење на финансиски средства од програмата ИПАРД 2014-2020 на првиот јавен повик и изразил надеж дека нема да се повтори искуството со (не)искористувањето на финансиските средства од ИПАРД 2007-2013.

Тој порачал дека за ефикасно искористување на финансиските средства од руралните програми, како што е ИПАРД, клучни се човечките ресурси и функционалноста на Платежната агенција.

Николовски на средбата истакнал дека за новата влада членството во ЕУ е приоритет.

Според Николовски, две значајни активности на кои се работи е зајакнување на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој и воспоставување механизам за претфинансирање на ИПАРД-корисниците.

Инаку, досега имаше забелешки за недоволната искористеност на средствата од програмата ИПАРД 2007-2013, а постојат сомневања и за сторени злоупотреби за кои се отворени и истраги од страна на правосудните органи во земјава.


Николовски: Науката е важна за креирање на развојните политики на земјоделство


Скопје, 19 октомври, 2017 - 14:14 (META) 

Земјоделството е еден од најважните сектори кој во вкупниот домашен бруто-производ (БДП) учествува со 13 отсто, вклучително и во преработувачката индустрија, и е трет по големина сектор во земјата, по услугите и по индустријата, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, на Меѓународен симпозиум за земјоделство и за храна на Факултетот за земјоделски науки.

Тој додаде дека земјоделството обезбедува приходи и вработување на приближно 17 отсто  од работната сила во државата, иако реалниот придонес го надминува овој процент.

– Модернизирањето на земјоделското производство преку воведување нови современи технологии, зголемување на обработливите земјоделски површини, производство на конкурентни производи со висока додадена вредност, зголемување на извозот, се дел од стратешките цели на политиките на Владата во тековниот период – додаде Николовски.

Тој рече дека во исполнувањето на овие зацртани цели и во креирањето на развојните политики за земјоделството, од голема важност е учеството на македонската наука, односно на стручниот кадар од Факултетот за земјоделски науки и храна, кој годинава слави 70 години.


Николовски: Искористувањето на средствата од ИПАРД е највисок приоритет на Владата


Скопје, 10 октомври, 2017 - 13:20 (META) 

Проектот што требаше да придонесе за успешно искористување на финансиските средства од ИПАРД-програмата и за поефикасна реализација на програмата ИПАРД 2, заврши денеска.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, информираше дека целта на овој проект во вредност од 1,5 милион евра била да ѝ се даде поддршка на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во руралниот развој во спроведување на одредени мерки.

– Програмата ИПАРД 2 е усвоена од Европската комисија на почетокот на 2015 година и во неа се алоцирани 60 милиони евра за поддршка на инвестициски проекти во земјоделството, прехранбената индустрија и во руралната економија. Покрај зголемениот опфат на корисници, во програмата ИПАРД 2 се воведени и нови сектори или, конкретно, се поддржуваат и инвестиции за достигнување на меѓународно признатите стандарди кои ќе придонесат за зголемување на конкурентноста на македонското земјоделство на европските и на меѓународните пазари, а со тоа и за подобрување на квалитетот на живеење во руралните средини – изјави Николовски.

Тој додаде дека искористувањето на средствата од програмата ИПАРД е највисок приоритет на Владата. Николовски информираше дека се преземени соодветни мерки за зголемена апсорбција на средствата, како што е воспоставувањето на гарантниот фонд, кој ќе им помогне на корисниците за предфинансирање на инвестициите.

– Македонија има голем природен потенцијал за квалитетно и конкурентно земјоделско производство. Но, за комплетно искористување на овие потенцијали и поголеми ефекти, од особена важност е едукацијата на земјоделците за значењето на мерките од програмата ИПАРД . Мерки, кои ќе помогнат во доближувањето на македонското до европското земјоделство и во создавањето на конкурентни производи со висока додадена вредност – додаде Николовски.


МЗШВ исплати 125 милиони денари субвенции за земјоделците


Скопје, 18 септември, 2017 - 16:41 (META) 

Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство исплати околу 125 милиони денари субвенции за земјоделство, известуваат од таму.

Најголемиот дел или околу 61 милиони денари се субвенции за дополнителна финансиска поддршка за сертифициран семенски материјал, 35 милиони денари за субвенција за литар предадено млеко, повеќе од 17 милиони денари се субвенции за предаден зеленчук во преработувачки капацитети.

„Остатокот од исплатените субвенции се за различни земјоделски сектори. Во моментов се обработуваат решенијата за исплата на преостанатите субвенции за 2016 година, по што наскоро ќе следува исплата. Од 1 јуни досега се исплатени повеќе од 60 милиони евра за субвенции, кои легнаа директно на сметките на околу 50.000 земјоделци“, додаваат од МЗШВ.

Од таму потсетуваат дека работат на подготовка на петгодишната национална програма за финансиска поддршка на земјоделството и на руралниот развој и дека со Светска банка ќе спроведат анализа на досегашната ефикасност на субвенциите.