Стипендиите за студентите на земјоделство, ветеринарство и шумарство ќе изнесуват 18.000 денари

Фото: Green Chameleon on Unsplash

Новите стипендии кои ќе се доделуваат на студенти запишани на студиски програми од областа на земјоделските, ветеринарните и шумарските науки ќе изнесуваат 18.000 денари месечно, а ќе се доделуваат за девет месеци во текот на една академска година. Предвидени се вкупно 30 вакви стипендии, информираше денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.

„Ова е добра прилика уште еднаш да информирам дека во новиот конкурс за доделување на студентски стипендии кој очекувам да биде објавен следната недела, предвидени се и стипендии за студенти кои се запишани на студиски програми од областа на земјоделството, ветеринарството и шумарството. Тие ќе бидат 30 на број, во износ од 18.000 денари на месечно ниво и ќе се доделуваат за 9 месеци во годината“, рече Шаќири на настан што утрово се одржа на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје.

Одлука за новите категории на стипендии донесе Владата на седницата одржана на 1 ноември, по предлог од Министерството за образование и наука. Со предложените измени, информираа тогаш од Владата, се воведуваат мотивирачки стипендии за студенти запишани на додипломски студии од прв циклус на јавните и приватните универзитети и високообразовни установи, на студиски програми од областа на земјоделството, ветеринарството и шумарството.

Меѓу новите категории на студентски стипендии што се воведуваат се и стипендиите наменети за студенти запишани на студиски програми за преведување и толкување, како и за студенти на студиски програми по историја на уметност, археологија, ликовна уметност и етнологија и антропологија.