Земјоделците треба да се едуцираат за производство со намалени емисии на стакленички гасови

Фото: Лин Бетс, јавен домејн, Викимедија комонс

Одржливото земјоделство кое има минимален импакт врз животната средина и врз емисиите на стакленички гасови е тренд и цел кон која се стремат многу развиени држави во светот. Климатските промени се една од најголемите закани за човештвото, која не може да се надмине без промена на земјоделските практики. Земјоделството е еден од најголемите емитери на стакленички гасови и кај нас, а според податоците од Националниот инвентар на стакленички гасови во РСМ, речиси 90 отсто од емисијата на метан е последица на преживањето на говедата. Исто толкав процент на емисиите на диазот оксид (N2O) е последица на метаболичките процеси кај домашните животни и на складирањето, преработката и управувањето со арското ѓубре.

Земјоделците во нашата држава не се доволно информирани за влијанијата од нивните активности врз климатските промени и деградацијата на животната средина која ја предизвикуваат, сметаат од Центарот за климатски промени. Тие сè уште користат застарени технологии и методи, многу ретко ја практикуваат добрата земјоделска пракса, а голем дел од нив не се ни свесни за овој кодекс кој е задолжителен за сите кои користат субвенции.

„Многу мал дел од земјоделците во земјава прифаќаат нови методи и практики за поефикасно и одржливо земјоделско производство. Малкумина користат современа механизација, но затоа, пак масовно се практикува земјоделско производство со хемиски средства и вештачки ѓубрива за одржување на родот и зголемување на приносот. Токму поради тоа од суштествено значење е едукацијата на земјоделците со што ќе се зголеми нивната информираност како и нивната одговорност за намалување на влијанијата врз животната средина“, смета Бојана Станојевска-Пецуровска од Центарот за климатски промени.

Покрај промените кои се очекуваат од производителите, и менувањето на навиките на потрошувачите може да игра голема улога во дополнително намалување на емисиите на стакленички гасови поврзани со храната. Месото и млечните производи се тие кои имаат најголем глобален отпечаток на јаглерод, како и користење на суровини и вода по килограм.

Станојевска-Пецуровска посочува дека со намалување на отпадот од храна и намалување на индивидуалната потрошувачка на прехранбени производи, можеме да придонесеме за намалување на емисиите на стакленички гасови од земјоделството.

„Кога зборуваме за земјоделството и влијанијата врз климатските промени неопходно е да се земе предвид и целиот ланец од производство на храната, складирање, преработка, пакување, транспорт, подготовка и послужување и на крајот одложувањето на отпадот и отпадот од пакување. Секоја од фазите на обезбедувањето храна ослободува стакленички гасови во атмосферата“, нагласува Станојевска-Пецуровска.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека Националната стратегија за земјоделство и рурален развој (2021-2027) предвидува воспоставување на сеопфатен и интегриран Систем за знаење и иновации во земјоделството (АКИС) кој треба да овозможи земјоделците и другите учесници во секторот за прв пат да добијат можност за ефективна надградба на своите знаења и вештини преку функционални врски со науката и советодавните служби, а темата за намалување на емисијата на стакленички гасови ќе биде една од приоритетните.

Повисок процент на јавно кофинансирање на инвестициите насочени кон ублажување на климатските промени и прилагодување кон истите обезбедува и новата ИПАРД програма за периодот 2021-2027 година. Проектите за поддршка на намалувањето на емисиите на јаглероден диоксид ќе претставуваат најмалку пет отсто од вкупниот број на проекти финансирани преку Мерка 1 на ИПАРД програмата, за разлика од почетокот кога изнесуваа 1,6 отсто.

„Во листата за посебни минимални услови вклучено е и барањето за орање попречно на наклонот на теренот за ерозивни или површини со наклон од 15 отсто и повеќе. Затревувањето на меѓуредовото растојание кај повеќегодишните насади во овоштарството и лозарството ќе биде дел од поддршка која во следниот период ќе се овозможи во рамките на агроеколошките мерки“, велат од Министерството.

Посочуваат дека од идната година е планирано да се воведат и првите шеми на поддршка за поттикнување на обезбедувањето на јавни добра преку земјоделски практики корисни за животната средина и климата, таканаречени еко шеми. Користењето на директните плаќања за еколошките шеми ќе биде доброволно за земјоделците кои превземаат обврски за примена на практики корисни за климата и животната средина.