!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Активисти на Беса пријавиле пукање во Арачиново


Скопје/Битола, 9 октомври, 2017 - 13:41 (META) 

Активисти на партијата Беса синоќа пријавиле во полиција дека додека лепеле плакати во селото Арачиново, во нивна близина застанало возило „голф“, од кое непознато лице истрелало еден куршум од огнено оружје, по што заминало во непознат правец.

Активистите, како што информираат од МВР, на местото нашле чаура, која ја однеле во полициското одделение во Арачиново.

Од МВР велат дека се преземаат мрки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.

Инаку, од МВР информираат и дека ноќеска, четириестина минути по полноќ, на булеварот Први мај во Битола, полициска екипа од СВР Битола затекнала три лица како со црн спреј прскале на изборно пано со плакат од кандидатот за градоначалник на СДСМ.

Против тројцата битолчани се поднесени прекршочни пријави.


Талески осомничен во случајот „Транспортер 2“, што го отвори ОЈО Битола


Битола, 22 септември, 2017 - 12:56 (META) 

Основното јавно обвинителство Битола отворило случај под името „Транспортер 2“, во врска со тендер за превоз на ученици за учебната 2015/2106 година, во кој еден од осомничените е градоначалникот на Битола, Владимир Талески.

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека СВР Битола,  постапувајќи по наредба на Обвинителството, поднел посебен извештај против битолскиот градоначалник и уште пет лица вработени во Општината кои се товарат за несовесно работење во службата и злоупотреба на службена положба и овластување.

Талески и останатите петмина се сомничат дека со склучување на штетни договори со две фирми за превоз на ученици, го оштетиле буџетот на Општина Битола за 4.321.388 денари, односно за околу 70.300 евра.

Според МВР, четворица од осомничените – членови на комисијата за јавни набавки во општината, го прекршиле Законот за јавни набавки, бидејќи не ја поништиле постапката за избор на најповолен понудувач, иако констатирале дека понудените цени за превоз на ученици за учебната 2015/16 се многу повисоки од реалните на пазарот, односно дека цената изнесува 3.168 денари по ученик.

Секретарот на Општината, кој, иако немал ингеренции во работата на комисијата, потпишал согласност за склучување на договори за превоз на ученици по овие цени.

Конечната одлука за избор на понудите, според МВР, ја донел градоначалникот Талески, кој ги потпишал штетните договори со двете фирми-превозници од Битола.

Инаку, Специјалното јавно обвинителство го отвори случајот „Транспортер“ и поднесе обвиненија против градоначалникот на Битола, Владимир Талески и уште 20 други лица, за злоупотреби со превозот на ученици во Битола, тешки 360.000 евра.


МВР поднесе пријави против четири лица за нападот со молотови коктели во Битола


Битола, 21 март, 2017 - 15:03 (META) 

Секторот за внатрешни работи Битола поднел кривична пријава против четворица малолетници, на возраст од 16 и од 17 години, кои се осомничени дека со молотови коктели се обиделе да го запалат Музејот на албанската азбука во Битола, на почетокот на овој месец.

Како што информираат од МВР, осомничените малолетници, од кои тројца се од Битола, а еден од Демир Хисар, се товарат за кривичното дело предизвикување општа опасност.

„На 7 март 2017 година, околу 3 часот, пријавените, откако изработиле четири „молотови коктели“, се упатиле кон Национална установа ’Музеј на албанската азбука’. Кога пристигнале, запалиле дел од нив за да го опожарат објектот. СВР Битола, по преземените мерки и активности, обезбеди повеќе материјални докази кои укажуваат дека пријавените се извршители на кривичното дело“, стои во соопштението на МВР.


Битолчанец, кој бил пријавен за исчезнат, пронајден мртов


Битола, 19 март, 2017 - 12:36 (META) 

Вчера во 12.35 часот во Секторот за внатрешни работи Битола било пријавено дека на улицата Партизанска бил пронајден починат 68-годишниот М.Ј. од Битола, соопшти МВР.

Како што информираат од полицијата, М.Ј. на 12 март оваа година бил пријавен за исчезнат.

По наредба на надлежен јавен обвинител, телото на починатиот било предадено за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.


Битолскиот „Рамбо“ и полицаецот што го уапсил дале дијаметрално спротивставени искази


Битола, 8 март, 2017 - 15:38 (META) 

Министерството за внатрешни работи денеска излезе со детали за вчерашниот инцидентот во Битола, во кој беше уапсен Драги С. од Битола, познат како Рамбо.

Според билтенот на МВР, двајцата инволвирани, односно Драги Рамбо и полицаецот што го уапсил, дале спротивставени изјави во полициската станица. Двајцата меѓусебно се обвинуваат дека другиот е виновен, односно го предизвикал инцидентот.

Според полицискиот билтен, вчера во 13.30 часот, полицискиот службеник В.Б. пријавил дека возејќи се со сопругата М.Б. во нивниот автомобил „цитроен“, биле пресретнати од Д.С. со возило „дачиа дастер“, кој излегол од возилото и „им упатил пцости и закани по животот“.

„Полицискиот службеник веднаш излегол од возилото, се легитимирал и му дал усна наредба на Д.С. да престане со дејството. Веднаш потоа Д.С. го фатил В.Б. за вратот и почнал да го дави, а потоа го турнал во возилото и повторно му упатил закани по животот. Д.С., исто така, се обидел да му го одземе службениот пиштол на полицискиот службеник, но не успеал. Во меѓувреме, сопругата на В.Б. се јавила кај друг полициски службеник, кој заедно со уште еден полициски службеник дошле на местото на настанот и му упатиле усна наредба на Д.С. да прекине со нападот. Откако не ги послушал, се обиделе да го лишат од слобода, но бидејќи цело време давал активен отпор, не успеале. Кога пристигнале уште неколку полициски службеници, Д.С. бил лишен од слобода и одведен во СВР Битола“, се вели во билтенот на МВР.

По извршениот разговор, Д.С. бил пуштен на слобода и против него ќе биде поднесена кривична пријава поради основан сомнеж дека извршил напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста.

Во билтенот на МВР ја има и верзијата која Д.С. ја дал во полициската станица во СВР Битола во 17 часот. Според неговата верзија за настанот, полицискиот службеник В.Б. почнал да свири по него и да му упатува пцости, по што излегол од возилото, ја отворил вратата на возилото на Д.С., го извлекол од возилото, извадил пиштол, го репетирал и му го вперил во главата, велејќи му дека ќе го убие.

dragi rambo

Инаку, вчера, откако Драги Рамбо беше пуштен на слобода, на „Фејсбук“ се појави слика од него заедно со брат му Зоки Рамбо во ресторанот на хотелот „Милениум“. На сликата од десна страна е бизнисменот и почесниот конзул на Црна Гора во Битола, Мики Андријашевиќ. Првиот од десно на сликата, облечен во црно, е Александар Ангелевски, полицаец и брат на Анита Ангелевска, која е висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, претседателка на Унијата на жени, сега вработена во Општина Битола, а инаку поранешна директорката на гимназијата „Таки Даскало“ во Битола. Ангелевска е една од 22 осомничени во случајот „Транспортер“ за бесплатниот школски превоз, заедно со градоначалникот Владимир Талески.


Маскирани лица фрлиле молотови коктели врз Музејот на албанската азбука во Битола


Битола, 7 март, 2017 - 12:30 (META) 

Четири маскирани лица фрлиле два молотови коктели врз Музејот на албанската азбука во Битола. Настанот се случил утрово, околу 4 часот, потврдуваат од раководството на Музејот. Сторителите, според вработени во Музејот, сакале да го запалат објектот, ама не успеале.

Битолската полиција потврдува дека настанот е евидентиран и дека е почната истрага.
Портпаролот на СВР Битола, Сања Стаматова, вели дека има оштетување на стаклото на влезната врата и на прозорско стакло на вториот кат.

– Фрлени се две шишиња со непозната течност. Едното шише не се запалило, а другото удрило во ѕидот и направило штета на асфалтот. Наша екипа излезе на местото на настанот – вели Стаматова.

Според неа, за настанот ќе се огласи директно Министерството за внатрешни работи, и тоа за кратко време.

Музејот на албанската азбука беше мета на напади и пред неколку месеци, кога непознати сторители, исто така, ги искршија стаклата пред одржувањето на минатогодишната свеченост за албанската азбука. Засега полицијата во Битола не излезе со информација кои се сторителите.


Спасовски: Пријавен е случај на нудење поткуп од ВМРО-ДПМНЕ за гласање на изборите


Битола, 29 ноември, 2016 - 15:49 (META) 

Двајца граѓани на Прилеп пријавиле случај на нудење поткуп во име на ВМРО-ДПМНЕ заради добивање глас на изборите закажани на 11 декември, изјави денеска министерот за внатрешни работи и носител на листа од СДСМ во изборната единица 2, Оливер Спасовски, кој денеска беше во посета на СВР-Битола и на полициската станица во Прилеп.

Спасовски соопшти дека во врска со случајот е подготвена кривична пријава против едно лице, а известен бил и јавниот обвинител.

– Карактеристичен настан има во Прилеп, каде што е пријавен случај на давање поткуп, односно од страна на двајца граѓани е пријавено дека била понудена одредена сума за поткуп од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ во врска со изборите. Направена е кривична пријава против еден сторител, известен е јавниот обвинител, земени се изјави на записник и се преземаат мерки за разоткривање на целиот овој случај. Навистина е недозволиво да се случуваат вакви работи и апелирам до политичките партии, кампањите да ги водат на ниво на програми и на концепти, а не со вакви злоупотреби. Доколку тоа се случува, ќе има енергична реакција од МВР – изјави Спасовски.

Министерот за внатрешни работи порача дека најстрого ќе биде казнет секој полицаец што ќе учествува во изборната кампања на која било од политичките партии и додаде дека веќе имало такви случаи во Струга и во други места, за кои биле преземени соодветни мерки.

– Апелирам до граѓаните доколку забележат ваков или каков било случај на злоупотреба од кој било политички субјект, веднаш да го пријават во полициската станица. Доколку почувствуваат притисок од кој било државен орган или кој било раководител, веднаш да го известат МВР за да можат да се преземат соодветни мерки – рече министерот Спасовски.

На денешноте средби со раководствата на СВР Битола и на полициската станица во Прилеп, било разговарано за безбедносната состојба на подрачјето под надлежност на битолскиот сектор за внатрешни работи, која, како што соопшти Спасовски, била оценета како стабилна и мирна, без индиции за нејзино нарушување.


Битолчанецот што беше пријавен за изчезнат, пронајден жив и здрав


Битола, 7 ноември, 2016 - 14:16 (META) 

Битолчанецот, кој викедов беше пријавен за исчезнат, бил пронајден во атарот на селото Мусинци, во добра здравствена состојба, информираат од полицијата.

Дваесет и седумгодишниот И.В.,неколку часа откако пријавил дека неговиот татко изчезнал, повторно се јавил во СВР Битола и пријавил дека вчераутро, околу 7.30 часот, го пронашле во атарот на Мусинци.

Според информациите, битолчанецот бил во добра здравствена состојба, но се загубил поради густата магла.


Протестите на „Шарена револуција“ не ја загрозиле безбедноста во Битола


Битола, 14 септември, 2016 - 18:34 (META) 

Протестите на „Шарена револуција“ не предизвикале безбедносни импликации во Битола, ова е заклучокот на СВР – Битола по анализата на безбедносната состојба во градот во првите шест месеци од годината.

Оценката за јавниот ред и мир во градот, која се најде пред советниците  на последната седница на Совет, предизвика бура од реакции кај битолската опозиција, која ја оцени како селективна бидејќи полицијата ги нотирала само протестите на „Шарена револуција“, а не и тие на ГДОМ.

Полицијата евидентирала дека во Битола се одржале 61 протест во кој учесниците го изразиле својот револт со фрлање боја и јајца по фасадите од неколку институции, како Општината, судовите, обвинителството и киното „Манаки“. Полицијата го забележела и протестот на битолчани пред еден од становите на градоначалникот Владимир Талески.

– На 17 и на 18 април групата што учествуваше на протестите се упати на улицата Бонде Скерлевски во зградата во која живее градоначалникот на Општина Битола, каде што на мирен начин го изразија својот протест –  стои во извештајот на полицијата, во кој уште се наведува дека на протестите пред Општината еден полицаец бил нападнат, а тројца други повредени додека се обидувале да ги спречат граѓаните да влезат во објектот на Општината.

За советникот на СДСМ, Благојче Котевски, оваа информација на полицијата е крајно селективна и партиски обоена во боите на „МВРО“.

– Во информацијата се нотирани само протестите на „Шарената револуција“, а не се нотирани протестите што ги имаше здружението ГДОМ. Не е забележан собирот пред партиското седиште на СДСМ, ниту оштетувањата направени на фасадата, скршениот прозорец и реклама. Поведена е и кривична постапка против Душко Илиевски за напад на полицаец, а нема никаква одговорност за лицата од ГДОМ кои повредија полицаец за време на еден од нивните протести – рече Котевски.


За шест дена седум предизборни потези – власта забрзано се утврдува за 11 декември


Скопје, 6 септември, 2016 - 12:17 (META) 

На 31 август лидерите на политичките партии потписнички на Договорот од Пржино го утврдија 11 декември за датум кога треба да се одржат предвремените парламентарни избори. Веќе следниот ден владејачката партија почна со кадровски рокади во Министерството за внатрешни работи, вработувања во министерството и со серија потези во пресрет на предвремените избори.

Дел од експертската јавност и опозициските партии ваквите итни потези ги окарактеризираа како утврдување на власта во стратешки најважните институции за нивна предизборна контрола.

За неполна недела по потпишувањето на договорот за избори на 11 декември, владејaчката партија почна со својата предизборна агенда:

  1. На 1 септември, ден пред Собранието да ја изгласа привремената влада, министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, си поднесе оставка, а за министер за еден ден Собранието го именуваше Оливер Андонов. Овој тактички потег на партијата на власт беше направен за да се обезбедат клучните позиции во МВР, со проверени и лојални кадри, односно да може Чавков да биде поставен за директор на Бирото за јавна безбедност;
  2. За нов директор на Управата за безбедност и контраразузнавање беше поставен Владимир Атанасовски, кој беше „прешалтан“ од директорското место во Управата за финансиско разузнавање;
  3. На 31 август и на 1 септември МВР отвори 26 работни позиции во Секторот за внатрешни работи Битола, на кои беа вработени лица без јавен оглас. Меѓу тие што ги добија работните места се сопругата на началникот на СВР Битола и претседателот на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ во Битола, Бојан Димовски. Според неофицијални информации, во последните десетина дена во МВР имало околу 120 вработувања без распишан јавен оглас;
  4. Во октомври МВР ќе ја направи конечната листа на нови 600 полицајци, од вкупно 3.972 кандидати колку што се пријавија на огласот, кој беше распишан на 15 јули оваа година;
  5. На 5 септември Судскиот совет на Република Македонија избра нови 25 судии, во основните, апелациските и во Врховниот суд. „Веднаш откако се распишаа изборите, проработеа тефтерчињата на осомничените од ВМРО-ДПМНЕ и преку послушниците од Судскиот совет се избраа нови 25 сваровски-судии… Џабе му се нови сваровски-судии на Груевски, ништо не го спасува, ќе одговара“, реагираа од СДСМ на изборот на судиите;
  6. Огласи за вработување на 128 лица објавија Министерството за одбрана, Министерството за труд и социјална политика, Народната банка, како и државните МЕПСО и ЕЛЕМ;
  7. Власта има намера пред изборите на 11 декември да го искористи мнозинството во Собранието и да го донесе буџетот за 2017 година, пишува денеска„Дојче веле“. „Да точно е, министерот Миноски ми потврди дека Владата сака пред избори да го донесе буџетот за 2017 година, но ние со тоа не се согласуваме и нема да го дозволиме“, изјавил за „Дојче веле“ дополнителниот заменик-министер за финансии, Кире Наумов.