Дигитализација во секоја сфера, заклучок на бизнис-форумот на Копаоник


Белград, 8 март, 2018 - 16:38 (META) 

Потребна е дигитализација во секоја сфера, е генералниот заклучок од бизнис- форумот на Копаоник кој се одржа од 4 до 7 март.

„Централни теми на форумот беа дигитализацијата, образованието, креативната економија, развој на науката. Приоритет треба да биде реструктуирањето на јавните претпријатија, а истото се однесува и на оние кои се во државна сопственост“, истакна претседателот на Сојузот на економисти и претседател на програмскиот одбор на овој форум, Александар Влаховиќ.

На Форумот учествуваа повеќе од 1.200 учесници во рамките на 22 панели, три пленарни седници, шест специјални настани и три засебни обраќања до присутните.

Претставник од Македонија на годинашниот форум беше македонскиот бизнисмен, мнозинскиот сопственик на М6 „Инвесмент груп“ и претседател на Управниот одбор на винарницата „Тиквеш“, Светозар Јаневски, кој говореше на тема „Западен Балкан – предизвици: Регионална економска област“.


Бизнис-форумот на Копаоник ќе се одржи од 4 до 7 март


Белград, 19 февруари, 2018 - 11:37 (META) 

Јубилејниот 25. бизнис-форум на Копаоник ќе се одржи од 4 до 7 март во хотелот „Гранд“. До сега присуството на овој форум го потврдиле преку 1.000 учесници, меѓу кои повеќе министри од владата на Србија, гувернерот на Народна банка на Србија, како и српската премиерка Ана Брнабиќ.

Од Македонија, за сега е познато учеството на бизнисменот Светозар Јаневски, кој ќе биде говорник на вториот ден од форумот, на тема „Западен Балкан – предизвици: Регионална економска област“.

Тема на годинашниот форум е „Што по фискална консолидација: Како да се претвори фискалната стабилност преку мерки на економска политика во одржлив раст и развој?“

Меѓу останатите, ќе учествуваат и Линда ван Гелдер, регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, Питер Санфи, заменик директор за економија и политика за земјите при Европска банка за обнова и развој, Пол Томсен, директор на канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за Европа и Шарлот Рух, директор на Европска банка за обнова и развој (ЕБРД) за Централна и Источна Европа.


Ѓукановиќ: Малите земји страдаат од товарот на наследената економска неразвиеност


Скопје, 17 февруари, 2017 - 15:03 (META) 

Клучниот проблем што малите држави не се развиени е тоа што со себе носат длабоко наследство од економска неразвиеност, смета црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ кој денеска учествува на тркалезна маса на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“ која што ја организира Стопанска комора по повод 95-годишнината од коморското организирање во Македонија.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан имаат 33 отсто од европскиот просек на домашен бруто-производ.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ истакна дека мора да се најде нова парадигма во соработката помеѓу помалите земји, бидејќи ако тие соработуваат ќе бидат подобро прифатени од големите земји кои носат стратешки одлуки.

Александар Влаховиќ, кој е главени организатор на бизнис-форумот Копаоник, во регионот познат како „српскиот Давос“, рече дека за една мала земја да биде економски просперитетна треба да има реформи во јавниот сектор и добро дефинирана и јасна визија за политиката.

– Политичарите не треба да собираат политички поени и да гледаат од денеска за утре туку да имаат јасна визија и реформи кои можеби негативно ќе се одразат краткорочно, но долгорочно ќе бидат од корист за граѓаните. Посебно вниамние треба да се обрне на малите и средни претпријатија кои се моторот на економијата – истакна Влаховиќ.

Хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ, чијашто фирма  „Орбико“ е водечки дистрибутер во Европа, изјави дека извозот на малите земји во регионот е неконкурентен бидејќи државните буџети на земјите во регионот за две децении се трипати зголемени.

– Таа државна бирократија е прескапа за плаќање. Решението е мала и ефикасна администрација – додаде Роглиќ.

На тркалезната маса која денеска се одржува  во хотелот „Александар Палас“ се зборува за поврзување на малите земји се со цел зголемен економски раст и зголемено вработување.

Мотото на настанот е „големите глобализираат, малите соработуваат“.

 


Бранко Азески доби признание за развој на претприемништвото во Средна и во Југоисточна Европа


Дубровник, 15 март, 2016 - 14:33 (META) 

Претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, доби посебно признание за придонес во развојот на претприемништвото во Средна и во Југоисточна Европа на Самитот на претприемачи од Средна и од Југоисточна Европа што се одржа од 4 до 6 март во Дубровник.

Самитот бил организиран за да се истакне важноста на претприемништвото, односно да се истакне колку се заслужни претприемачите за целокупниот економски и општествен развој, за што треба да им се даде што поголема поддршка.

Годинава, првпат на Самитот бил конституиран и Клуб на лауреати, а како прв претседател бил избран претседателот на управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“ од Кавадарци, Светозар Јаневски, кој е лауреат на Наградата за животно дело.

На Самитот учествувале 300 учесници од 13 земји.

 


Светозар Јаневски ја закупи Белгрaдската индустрија за пиво (БИП)


Белград, 1 јули, 2015 - 16:24 (META) 

Македонскиот бизнисмен Светозар Јаневски, претседател на управниот одбор на винарската визба „Тиквеш“, ја закупи Белградската индустрија за пиво (БИП) за 50.000 евра месечно, тврдат малите акционери на оваа фабрика.

Тие, на собранието на акционери на БИП, негодувале за оваа одлука и истакнале дека Агенцијата за приватизација направила пропуст бидејќи не распишала тендер за продажба на претпријатието.

Надзорниот одбор на компанијата го усвоил предлогот да се потпише договор со Друштвото за инжинеринг и услуги „М-6 Еден дооел“, кое Јаневски го основал во Белград.

Инакуи БИП е на списокот на 43 компании кои биле во реконструкција и од 1 јуни, државата повеќе не ги штити од доверителите.

Фирмата во моментов е блокирана, а акционерите стравуваат дека наскоро ќе биде воведен стечај и нивните акции ќе бидат безвредни.