!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Ѓукановиќ: Малите земји страдаат од товарот на наследената економска неразвиеност


Скопје, 17 февруари, 2017 - 15:03 (META) 

Клучниот проблем што малите држави не се развиени е тоа што со себе носат длабоко наследство од економска неразвиеност, смета црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ кој денеска учествува на тркалезна маса на тема „Позицијата на малите земји во меѓународната економија – предности и недостатоци“ која што ја организира Стопанска комора по повод 95-годишнината од коморското организирање во Македонија.

Тој додаде дека земјите од Западен Балкан имаат 33 отсто од европскиот просек на домашен бруто-производ.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ истакна дека мора да се најде нова парадигма во соработката помеѓу помалите земји, бидејќи ако тие соработуваат ќе бидат подобро прифатени од големите земји кои носат стратешки одлуки.

Александар Влаховиќ, кој е главени организатор на бизнис-форумот Копаоник, во регионот познат како „српскиот Давос“, рече дека за една мала земја да биде економски просперитетна треба да има реформи во јавниот сектор и добро дефинирана и јасна визија за политиката.

– Политичарите не треба да собираат политички поени и да гледаат од денеска за утре туку да имаат јасна визија и реформи кои можеби негативно ќе се одразат краткорочно, но долгорочно ќе бидат од корист за граѓаните. Посебно вниамние треба да се обрне на малите и средни претпријатија кои се моторот на економијата – истакна Влаховиќ.

Хрватскиот милијардер Бранко Роглиќ, чијашто фирма  „Орбико“ е водечки дистрибутер во Европа, изјави дека извозот на малите земји во регионот е неконкурентен бидејќи државните буџети на земјите во регионот за две децении се трипати зголемени.

– Таа државна бирократија е прескапа за плаќање. Решението е мала и ефикасна администрација – додаде Роглиќ.

На тркалезната маса која денеска се одржува  во хотелот „Александар Палас“ се зборува за поврзување на малите земји се со цел зголемен економски раст и зголемено вработување.

Мотото на настанот е „големите глобализираат, малите соработуваат“.

 


Признание „Пријател на Македонија“ за поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ


Шибеник, 1 декември, 2016 - 10:23 (META) 

Граѓанското здружение „Хрватско-македонска тангента“, вечерва, во 19 часот, во Шибеник, на поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ, ќе му го врачи признанието „Пријател на Македонија“.

Во таа пригода Месиќ ќе одржи предавање за македонско-хрватските културни врски, од Штросмаер и Миладиновци до денес.

Поранешните хрватски претседатели Стипе Месиќ и Иво Јосиповиќ, се почесни членови на „Хрватско-македонската тангента“.

Традиционалните годишни признанија ќе им бидат врачени и на новинарите Марина Јурковиќ од весникот „Слободна Далмација“ и на Ксенија Билан од „Шибенски неделник“, како и на Вилијам Лукиќ, директор на шибеничката градска книжарница.