Денеска почна бизнис-форум во Сараево на тема „Еден регион – една економија“

Tрадиционалниот  бизнис-форум во Сараево почна денеска и на него учествуваат преку 1.600 учесници од над 30 земји, меѓу кои и актуелни и поранешни шефови на држави и на влади, претседатели на големи корпорации, на банки и на ЕУ.

Главното мото со кое започна еден од панелите на годинешната средба е „Еден регион, една економија – поврзување и потенцијали“, соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), коорганизатор на средбата.

Јирки Катаинен, потпретседател на Европската комисија (ЕК) рече дека со радост го очекува претстојниот самит на Западен Балкан во Трст, кога лидерите од регионот ќе ја потврдат својата желба да се движат кон единствен регионален економски простор.

„Тоа ќе даде резултати поврзано со мотото „Едно место за инвестиции, еден регион, една економија““,  рече потпретседателот Катаинен.

Поранешниот хрватски претседател Стипе Месиќ изјави дека малите регионални економии можат да сторат многу, но не можат да ја променат големината на пазарот.

Тој додаде дека Југоисточна Европа (ЈИЕ) не може пасивно да се однесува кон меѓународните економски промени и дека мора да ја засили својата конкурентност преку подобрувањето на логистиката и на инфраструктурата.

Поранешниот претседател на Словенија, Данило Турк се заложи за пошироко вмрежување, без да се ограничуваат земјите од регионот само на концептот на поврзување во ЈИЕ, туку и на соседните региони.

„Економската интеграција на ЈИЕ е сигурен пат кон ЕУ. Економската соработка на стопанствата во ЈИЕ е императив за зголемување на инвестициите и конкурентноста на регионот“, изјави Драгана Ѓурица, експерт за конкурентност на Регионалниот совет за соработка, организатор на панелот.

Бизнис-форумот во Сараево кој се одржува осма година по ред, го следат и околу 350 домашни и странски новинари. Тоа е регионална инвестициска конференција, чија главна цел е да ги привлече странските инвеститори преку покажување на потенцијалите во Југоисточна Европа.