!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Трговска војна помеѓу ЕУ и САД би била штетна за двете страни, смета Јункер


Брисел, 18 март, 2017 - 17:52 (META) 

Трговска војна помеѓу Соединетите Американски Држави и Европа би била штетна за двете страни, вели претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во интервју за викенд-изданието на германскиот весник „Билд“, јавуваат светските агенции.

Прашан дали Европа може да издржи трговска војна со САД, Јункер вели дека „трговска војна не би била во интерес ниту на ЕУ, ниту на САД“.

Претседателот на ЕК нагласил дека е потребно сериозно да се сфатат протекционистичките коментари на Доналд Трамп и дека треба да се биде подготвен.

Американскиот министер за финансии, Стивен Менучин, во четвртокот, во Берлин изјави дека САД не бараат почнување трговска војна, но инсистираше дека некои од договорите мора да се модифицираат за да бидат „повеќе избалансирани“.

Јункер во интервјуто истакнал дека е задоволен што во вторник следната недела, ќе се сретне со премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, бидејќи кон крајот на оваа година сака да биде заклучен договорот за слободна трговија меѓу Европската Унија и Јапонија.

Трамп претходно ја обвини Јапонија дека го искористува слабиот јен за да му даде на својот извоз неправедна трговска предност. Главниот советник на Трамп, Питер Наваро, во слична изјава ја обвини Германија дека го користи претерано потценетото евро како конкурентска предност.


Тереза Меј е првиот странски лидер кого Трамп ќе го прими в петок во Белата куќа


Вашингтон, 22 јануари, 2017 - 14:38 (META) 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, в петок во Белата куќа ќе се сретне со британската премиерка Тереза Меј, соопшти портпаролот на Белата куќа, Шон Спајсер.

Тој додаде дека Тереза Меј ќе биде првиот странски лидер кого Трамп ќе го прими, откако стапи на должноста претседател.

Меј денеска за „Би-би-си“ изјави дека со Трамп ќе разговараат за слободната трговија меѓу Велика Британија и САД и за значењето на НАТО. Таа изрази уверување дека американскиот претседател, иако неодамна изјави дека алијансата е „застарена и надмината работа“, ќе умее да ја препознае нејзината важност.

Премиерката на Велика Британија наведе дека администарцијата на Трамп е заинтересирана за заклучување на договорот за слободна трговија со Велика Британија, и покрај политиката „Америка на прво место“, за која Трамп рече дека ќе биде негов приоритет.

Меј одби директно да одговори на прашање дали со Трамп ќе разговара и за неговите претходни коментари на сметка на жените.

На 31 јануари, Трамп во Белата куќа ќе се сретне со претседателот на Мексико, Енрике Пена Нието, а според Спајсер, главни теми на состанокот ќе бидат трговската размена, миграцијата и безбедноста.