Наставниците и професорите ќе може да се вработат на неопределено време


Скопје, 23 мај, 2018 - 9:37 (META) 

На вчерашната 69. седница на Владата формирана е работна група за изнаоѓање на можно решение за проблемот со линдан во ОХИС. Оваа работна група во рок од три месеци треба да ја информира Владата за можните решенија на овој долгогодишен проблем.

Владата ја прифати информацијата голем дел од наставниците и професорите во основното и средното образование да се вработат на неопределено работно време.

Министрите на предлог на Министерството за финансии ја прифатија фискалната стратегија на Македонија 2019-2021.

„Среднорочната фискална стратегија претставува клучен документ за утврдување на среднорочните фискални цели на Владата и нивно поврзување со стратешките приоритети на Владата, како и алатка за следење на динамиката на приходите и расходите во однос на фискалните цели“, информираат од Влада.

Mинистрите го прифатија и текстот на спогодбата помеѓу Министерството за образование и вработување на Република Малта и Министерството за образование и наука на Македонија за взаемно признавање на високообразовните степени, дипломи и сертификати.


Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Самитот


Софија, 27 март, 2018 - 13:23 (META) 

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски во рамки на меѓународната конференција на тема „ИТ Хаб Конект 2018 – иновации, регулатива, инвестиции“, што се одржува во Софија, се сретна со еврокомесарката за дигитална економија и општество, Мариа Габриел и министерот за иновации и технолошки развој на Србија, Ненад Поповиќ.

Манчевски на Габриел и ги претставил активностите кои МИОА ги превзема во делот на мапирање на територијата за широкопојасен интернет, подготовката на стратегија за сајбер-безбедност, како и заложбите за вклучување на трет мобилен оператор во Македонија.

„Што се однесува до поддршката во делот на драстично намалување на цените за роаминг, ова останува да биде високо на агендата на еврокомесакрата, и ќе биде една од главните теми за кои ќе се разговара на престојниот Дигитален самит, што ќе се одржи на 18 и 19 април во Скопје“, информираат од МИОА.

Состанокот со српскиот министер, Поповиќ бил посветен на соработката и размената на искуства помеѓу двете држави во делот на технолошкиот парк и иновациите.

Двајцата министри се согласиле дека Дигиталниот самит е одлична можност каде ќе можат да се разговара за поврзаност во иновациските системи, како и организирање на заедничка конференција во регионот, посветена на предизвиците во ИТ-сферата.

„Прифаќањето на дигиталните сертификати во регионот ќе биде во фокусот на Дигиталниот самит. На состанокот, министерот Манчевски и министерот Поповиќ се согласија дека Македонија и Србија можат да бидат државите каде ќе се развие пилот-проект, што понатаму ќе биде превземен како успешна приказна и во другите земји во регионот“, се додава во соопштението.


Почна седницата на Комисијата за надворешна политика, Заев го презентира договорот со Бугарија


Скопје, 18 јули, 2017 - 13:36 (META) 

Премиерот Зоран Заев денеска на затворена седница на собраниската Комисија за надворешна политика го презентира нацрт-договорот за добрососедство на Република Македонија со Република Бугарија.
На седницата присуствуваат претседателот на Собранието, Талат Џафери, координаторите на пратеничките групи и претседатели на соодветни комисии.

Заев кажа дека потребно е да се отвори расправа за нацрт-договорот во функција на градење заеднички национални консензуални политики од интерес за сите граѓани.

– Сакавме овие прашања да ги отвориме така како што им доликува: прво за нив да се зборува во најважната институција, Собранието, потоа на седница на Влада, потоа би ја информирале комплетно јавноста и ако се заокружат сите постапки во позитивна смисла, премиерот би ставил свој потпис, а Собранието би го ратификувало договорот – рече Заев, посочувајќи дека очекува договорот да биде заокружен на 1 август.

Тој додаде дека барањето за затворена седница го заснова на Виенската конвенција, но и затоа што не сака да го наруши моментот на заемно почитување со Бугарија.

Седницата почна по проверката на безбедносните сертификати на пратениците, а пратениците кои немаа такви сертификати, потпиша соодветни изјави.


Бектеши ги повика компаниите да се пријават за субвенции за халал-стандард


Скопје, 20 јуни, 2017 - 12:39 (META) 

Само една компанија годинава аплицирала за искористување на средства од Министерство за економија за имплементација на халал-стандард во своето работење, информираше министерот за економија, Крешник Бектеши.

Оттука, на церемонијата на доделување сертификати на компании што го имплементирале халал-стандардот, тој ги повика компаниите да ги искористат средствата за оваа намена.

Бектеши истакна дека глобалниот халал-пазар се проценува на повеќе од 800 милијарди долари, додека само европскиот надминува 66 милијарди долари годишно.

Лани, буџетот на министерството за оваа намена изнесуваше 1,8 милиони денари, а финансиска подршка добија шест компании.


Шест судски институции добија сертификати ISO 9001:2015 со поддршка на УСАИД


Скопје, 26 јануари, 2017 - 13:54 (META) 

На шест судски институции денеска им се доделени сертификати за стандардот за квалитет ISO 9001:2015, во рамки на Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите.

Судскиот совет на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија и четирите апелациони судови во Скопје, Штип, Битола и во Гостивар не само што се првите судски институции сертифицирани за овој стандард за управување со квалитет, туку се и првите јавни институции во земјава кои се сертифицирани за најновата верзија на овој стандард.

Воведувањето на стандардот се спровело во текот на 2015 и 2016 година, со поддршка на консултантската компанија „Евросимовски“.

– Во изминатите 25 години, УСАИД ѝ помогна на Македонија во воспоставувањето ефикасен и транспарентен судски систем и работеше на зајакнување на капацитетите на судовите за поефективна и поконзистентна примена на судските политики и практики. Во рамки на Програмата за подобрување на работењето на организациите, УСАИД им помогна на судските институции во поефективно спроведување на процесите на набавки, а со тоа и во исполнување на нивните законски обврски за воведување системи за управување со квалитет. Овој процес е целосно применлив и во другите судови и треба да биде имплементиран на национално ниво – рече директорот на Мисијата на УСАИД, Џејмс Стајн.

Програмата на УСАИД за подобрување на работењето на организациите во Македонија има цел да го подобри работењето на одредени институции кои се сметаат за клучни за развојот на земјата и за целите на Мисијата на УСАИД во Македонија. Во нејзините рамки, досега се спроведени интервенции за подобрување на работењето во следните седум организации: Секретаријатот за европски прашања, Инспекцискиот совет на Република Македонија, Министерството за информатичко општество и администрација, стручната служба на Судскиот буџетски совет, Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Фондацијата „Чекор по чекор“ и Центарот за стратегиски истражувања и документација „Форум“.

Почнувајќи од 1993 година, во Македонија преку УСАИД се инвестирани повеќе од 583 милиони долари, пари од буџетот на САД. УСАИД работи на креирање работни места, зајакнување на демократските институции и практики, развој на интегрирано образование и на подготовка на студентите како работна сила.


Шест компании сертифицирани според Халал-стандард


Скопје, 12 април, 2016 - 15:10 (META) 

На шесте компании, „Анета компани“, „Шест браќа“, „ХИТ 73“, „Витаминка“, „Алкалоид“ и „Виапром“, кои во текот на првиот квартал од 2016 година воведоа Халал-стандард, денеска на свечена церемонија им беа доделени сертификатите од Агенцијата за Халал-стандард во Македонија, која работи во рамки на ИВЗ.

Министерот за економија, Дритон Кучи, на средбата по повод доделувањето на сертификатите, ги покани компаниите да аплицираат за мерката воведување Халал-систем, која е дел од програмата за конкурентност, иновации и за претприемништво за 2016 година на Министерството за економија и за која годинава се обезбедени речиси 2 милиона денари.

– Препознавајќи го значењето од воведување на стандардите за квалитет за деловните субјекти, а за да обезбеди континуирана поддршка на економијата и на компаниите, Министерството за економија веќе четврта година по ред ја реализира мерката – финансиска поддршка за Халал-систем, со која покриваме 70 отсто од  направените трошоци. Досега се субвенционирани 19 компании, а годинешниот јавен повик трае до крајот на мај – истакна Кучи.

Тој потсети дека воведувањето на овој стандард покрај тоа што ја подобрува конкурентноста на претпријатијата и го олеснува настапот на нови пазари, исто таа ги приближува производите до синонимот за здрава храна за кои сè поголем е интересот на потрошувачите независно од верската припадност.

– Да не заборавиме дека светскиот Халал-пазар се проценува на 650 милијарди долари, а европскиот на околу 66 милијарди долари годишно, што значи дека овој пазар е најбрзорастечки пазар – рече Кучи.

Од 2009 година до денес, Халал стандард имаат воведено 27 компании, главно од прехранбената индустрија, фарми и кланици. Уште осум компании се во фаза на имплементирање на стандардот.


Француски сертификати за обуката „Усно интервју при вработување“


Скопје, 4 март, 2016 - 16:29 (META) 

Амбасадата на Франција во Македонија и Министерството за информатичко општество и администрација ги доделија сертификатите за учество на дводневната обука „Усно интервју при вработување“, што беше организирана во декември минатата година и реализирана од француски експерт за 15 македонски државни службеници.

– Денеска ги доделуваме сетификатите на македонските државни службеници што ја следеа обуката. И оваа година ќе организираме низа обуки наменети за македонските државни службеници затоа што Франција поседува огромно искуство на ова поле. Освен обуките, издаден е и водич при вработување. Работиме и на поголема искористеност на европските фондови, но и на воспаставување вистинска администрација што ќе помогне за подобрување на сите услуги и за да можат државните служебници добро да си ја вршат работата – рече француската амбасадорка Лоренс Оер.

Јахи Јахија, државен секретар во Министерството за информатичко општество и администрација, се заблагодари за поддршката што Министерството ја добива од француската амбасада.

– Обуката е резултат на соработката што ние ја имаме изминатите неколку години. Работиме и на нови идеи и на нови проекти, кои заедно со амбасадата и со нејзина поддршка ќе ги реализираме во наредниот период. Република Франција има голема традиција во делот на администрација и затоа учиме многу од нив и сме благодарни за нивната поддршка – рече Јахија.


Кривичниот суд одговори: Ние не сме фотокопирница за класифицирани списи


Скопје, 2 март, 2016 - 14:02 (META) 

Ниту судот одолговлекува, ниту избегнува, ниту бега да ја утврди правдата, основна уставна и законска обврска на судот е токму извршувањето на таа функција, а причините за досегашното одложување на оваа постапка се познати на јавноста, се вели во реакцијата на Кривичнот суд по одложувањето на денешното рочиште за случајот „Пуч“.

„Нејасна и тенденциозна е изјавата во јавноста дека судот е тој што ја опструира работата на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и што произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), при што јавно се прозива Кривичниот суд како законски единствен стварно и месно надлежен суд дека не поседува сертификат за пристап до класифицирани информации наспроти странките, со што јавно се девалвира и се навредува улогата и позицијата на судот и на судиите во постапката, а со политички говор се издигнува улогата на СЈО“, стои во во соопштението од судот.

Оттаму велат дека во конкретната ситуација не е спорно дали некој има или нема сертификат да врши увид и да работи со списите во предметот, во кои има класифицирани информации, и додаваат дека за судот ова е расчистено прашање.

„На СЈО му е дозволен непречен увид во секое време во сите списи на предметот. Замената на тезите дека некој има сертификат или нема не содејствува со барањата на СЈО. Судот не може спротивно и со повреди на Законот за класифицирани информации да се претвори во фотокопирница и да копира класифицирани списи и докази затоа што нема такво овластување“, се вели во реакцијата.

Од Кривичниот суд, исто така, ги повикуваат обвинетите во „Пуч“ да не ја злоупотребуваат постапката за политички говори и за „директен напад и непочитување на институцијата суд и на овој начин да вршат притисок врз неговото работење“.

Денешото рочиште за „Пуч“ беше одложено на барање на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, која образложи дека одложувањето не е по нивна вина, туку за тоа е одговорен судот, бидејќи не ги дава бараните копии од списи и електронски докази кои му се потребни на СЈО за да ги подготви воведните зборови за судењето.

Јанева побара на рочиштата во судот да биде присутен и сведокот, кој е оштетен во случајот „Пуч“, односно поранешниот премиер и актуелен претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.


Градежните работници ќе се сертифицираат за знаења за енергетска ефикасност


Скопје, 14 септември, 2015 - 12:59 (META) 

Градежните работници кои имаат неформално знаење, односно искуство во својата работа, ќе можат да се преквалификуваат и да добијат сертификати за енергетска ефикасност.

Во тек е повик за пријавување на фасадери, работници на покрив, столари, инсталатери на греење и на електрични инсталации, на кои ќе им се препознаат претходно стекнатите знаења и ќе имаат можност да се сертифицираат.

– Преку препознавањето на претходно стекантите знаења и вештини, работниците ќе имаат можност да стекнат сертификати, со што ќе се зголеми нивната конкурентност на пазарот на труд. Овие сертификати ќе им важат и во други земји, како во Хрватска, во Словенија и во Грција – изјави директорот на Центарот за образование на возрасни, Линдита Казими.

Целта на овој проект, кој се одвива во рамките на ЕУ-иницијативата „Билд ап скилс“ (Build up skills) и е во втора фаза, е унапредување на вештините на работниците од градежниот сектор за постигнување зголемена енергетска ефикасност во објектите.

Според професорката од ФЕИТ, Лихнида Стојановска-Георгиевска, луѓето во секојдневниот живот преку работата, односно неформални обуки стекнуваат неформално знаење кое треба да се вреднува. Овј вид сертифицирање, односно модели на препознавање на неформално стекнатото образование, е тренд и во Европа.

Повикот за пријавување трае до 31 октомври и е предвидено 1.000 работници да поминат низ процесот на препознавање на вештини за енергетска ефикасност.