!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Груевски: СДСМ се плаши, затоа брза со гласањето за новата влада во парламентот


Скопје, 29 мај, 2017 - 16:38 (META) 

СДСМ е уплашена од судот на јавноста и на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, па многу брза со гласањето за новата влада и сака шверцерски „да помине“ низ парламентот, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, при денешната посета на незавршената нова зграда на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за Република Македонија.

– Скандалозно е тоа што СДСМ како никогаш досега се обидува да го стави гласањето на владата во парламентот. Објавувањето на составот на владата синоќа и на гласањето, односно почетокот на расправата утре сабајле, покажува дека тие од нешто се плашат, дека се плашат од анализа на јавноста и, се разбира, на пратениците од опозицијата, се плашат од анализа на нивните перформанси досега, на нивното минато, на нивното образование, на нивниот учинок. Се плашат, исто така, да не го разгледаме внимателно оној памфлет што тие го нарекуваат програма. Така што, очигледно е дека постои страв и се гледа што е можно побргу шверцерски да се помине на парламент, а досега тоа не се случило. Јас имав четири пати можност досега како мандатар да предложам состав за влада до парламентот, секогаш оставав околу 12 дена за да може и опозицијата, пратениците, јавноста да ги разгледаат предлозите, да ја разгледаат програмата, да ја анализираат, да се подготват, да можат да укажат на забелешки, да го слушнеме нивното мислење – рече Груевски.

Тој вели дека со изборот „се гледало да се задоволат некои луѓе, а не да се одберат најдобри кадри што можат да ги решат проблемите на граѓаните“.

– Сега тие луѓе што ги изгубија изборите, на кои народот не им ја даде довербата, тие ќе бидат министри и тие ќе ги креираат наредните чекори за Република Македонија – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.


ВМРО-ДПМНЕ не кажува дали утре ќе присуствува на собраниската седница


Скопје, 29 мај, 2017 - 11:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ сè уште не објавува дали нејзините пратеници ќе учествуваат на утрешната собраниска седница, на која треба да се расправа по предлогот на Зоран Заев за нова влада.

Утрешната седница е прва по изборот на Талат Џафери за претседател на Собранието.

Неговиот избор ВМРО-ДПМНЕ го нарече „нелегитимен, неуставен и неделовнички“.

Од партијата велат дека ставот околу утрешната седница ќе го соопштат наскоро, но се изненадени од краткиот рок што им е даден на пратениците да се запознаат со програмата и со составот на владата.

Од 27 април, Талат Џафери имаше средби главно со амбасадори.

Инаку Џафери, вчера, од мандатарот  Заев, го добил предлогот за состав на владата и програмата за нејзиниот мандат. До претседателот на Собранието тие биле доставени околу 15 минути пред полноќ. Џафери веднаш двата документа ги доставил до пратениците, а седницата за избор на владата ја закажа за утре, во 11 часот.

Лидерот на СДСМ и мандатар за состав на новата влада, Зоран Заев, вчера соопшти дека новиот владин кабинет ќе има 15 министри со ресори и неколку министри без ресори: Радмила Шекеринска ќе биде министер за одбрана, Оливер Спасовски – министер за внатрешни работи, Драган Тевдовски – министер за финансии, Никола Димитров – министер за надворешни работи, Рената Десковска – министер за образование и наука, Љупчо Николовски – министер за земјоделство, Мила Царовска – министер за труд и социјална политика, Роберт Алаѓозовски – министер за култура, Дамјан Манчевски – министер за информатичко општество и администрација и Горан Сугаревски – министер за транспорт и врски.

Во новата влада за министри без ресор ќе бидат предложени  Роберт Поповски, Кочо Анѓушев, Едмонд Адеми, Аднан Ќахил, Самка Ибраимовски, Зорица Апостоловска и Зоран Шапуриќ.

Алијансата за Албанците ќе биде дел од новата влада со две министерски места – за здравство и за локална самоуправа.

Иако Беса не е дел од новата влада, договориле соработка за реформите и за важните проекти.


Попладне средба на Заев и Ахмети, па Централен одбор на СДСМ


Скопје, 28 мај, 2017 - 13:18 (META) 

Лидерите на СДСМ и ДУИ, Зоран Заев и Али Ахмети попладневно ќе се сретнат во седиштето на СДСМ, каде Ахмети на мандаторот Заев ќе му го образложи синоќешното решение на неговата партија за новите министри. Се очекува лидерите на двете партии да разговараат и за кандидатите за министри на СДСМ.

Заев во изјава пред седиштето на СДСМ рече дека партијата денеска во 19 часот закажала Централен одбор.

-СДСМ во 19 часот закажа седница на Централниот одбор, кој беше избран вчера. Се надевам дека ќе донесеме најпаметни одлуки коишто може да бидат најдобро решение за граѓаните. После Централниот одбор, како најголема партија, бидејќи завршија разговорите со коалиционите партнери, тоа значи објавување на предлог листа и доставување до Собранието за целиот владин кабинет и за новата програма на новата влада – рече Заев.

Седница на партиското раководство денеска од 13 часот ќе има и Движењето Беса на која треба да реши дали ќе учествува во владата за таа да има поддршка од 67 пратеници или ќе биде изгласана со 62 пратеници. Донесената одлука Беса ќе ја соопшти и образложи на прес-конференција закажана денеска во 15 часот.

ДУИ доцна синоќа на состанокот на централното претседателство одлучи во новата влада да ги предложи Хазби Лика за вицепремиер задолжен за спроведување на Охридскиот рамковен договор, Бујар Османи за вицепремиер за евроинтеграции, Билент Салиу да води со ресорот правда, Садула Дураку за министер за животна средина, Куштрим Бектеши за местото министер за економија и Рамиз Мерко за министер без ресор.


Заев – Винтон: Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во новата влада


Скопје, 23 мај, 2017 - 12:34 (META) 

Претседателот на СДСМ, Зоран Заев, денеска се сретнал со Луиза Винтон, постојан претставник на Обединетите нации и претставник на УНДП за Македонија.

На средбата била акцентирана потребата Македонија да се врати на европските перспективи и да продолжи да се развива кон интеграција во евроатлантските организации.

– Посветени сме на квалитетни кадровски решенија во сите ресори на новата влада, кои ќе работат демократски и посветено на квалитетот на живот за сите граѓани. Државата брзо ќе биде подготвена да продолжи напред – изјавил Заев.

Тема на разговорот, како што информираат од СДСМ, бил и демократскиот и општествен развој на Македонија, што се отвора со демократските процеси и формирањето на нова реформска влада.

Заев и Винтон разговарале и за потребата од градење на Македонија во правна држава за што, како што било истакнато, биле неопходни судски реформи, како и за економските и социјалните политики, што овозможуваат стабилен и перспективен живот за сите граѓани.


Заев и Села разговарале за ресорските решенија во новата влада


Тетово, 22 мај, 2017 - 17:24 (META) 

Разговорите течат со сите политички партии и верувам дека ќе почнеме да разговараме и за ресорите и имињата на министрите, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев пред почетокот на средбата со лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села.

– Јас се надевам дека ќе ги заокружиме важните принципи за она што е интерес за граѓаните на Република Македонија и за нашата заедничка земја. Драго ми е што во тој дел работите се движат во позитивен правец. Задоволен сум како течат работите, мене ми е драго што господинот Села е поздрав, за да можеме да влеземе во разговори со Алијансата за Албанците – изјави Заев.

По средбата ниту еден од лидерите не даде изјава за медиуми, а од СДСМ преку соопштение информираат дека теми на разговор биле принципите на соработка на новата реформска влада.

„Разговарано е и за првичните позиции околу ресорските решенија во Владата. Продолжуваат интензивни преговори со партиите од парламентарното мнозинство околу составот на новата Влада на Република Македонија“, кратко информираат од партијата.


Шилегов: Не се битни ресорите, туку принципите на функционирање на владата


Скопје, 19 мај, 2017 - 16:07 (META) 

„Сосема е небитно прашањето како ќе се распоределат ресорите и кој кадровски решенија ќе бидат за позициите во новата влада. Најбитно за Македонија во моментов е да воспоставиме принципи за функционирање на владата во интерес на граѓаните, за тие владата да ја чувствуваат своја. Доколку останат истите принципи или систем на функционрање на власта, небитни се ресорите и персоналните решенија за тие ресори“, изјави денеска портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, прашан за резултатите од денешните преговори помеѓу лидерот на СДСМ и мандатар, Зоран Заев, и претседателот на ДУИ, Али Ахмети.

Тој нагласи дека дури откако ќе завршат разговорите со сите партии, ќе може да се зборува за политичките позиции за поддршка на владата – дали преку учество во ресори или преку политичка поддршка на владата и дека очекува час поскоро да завршат преговорите.

Шилегов, исто така, не одговори колку министерства СДСМ отстапува на политичките партнери од албанскиот блок, нагласувајќи дека пред сè е битно да се формира владата.

Прашан дали СДСМ подготвува итно и други предлог-закони како тој за укинување на екстерното тестирање, Шилегов рече дека тие закони се поднесени како исполнување на ветувањата и се надева дека по завршувањето на конститутивната седница на Собранието, ќе има седница за избор на влада, а потоа ќе се донесат мерките што се ветени на граѓаните.