Костадинов: ВМРО-ДПМНЕ да престане да го блокира референдумот


Скопје, 9 јули, 2018 - 15:11 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ измислува нови барања, техничка Влада, амнестија и слично и сака да прикаже вештачка криза, само за да ги спасат криминалците од одговорност. Тоа е единственото нешто за кое што се бори Мицкоски, порача Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, велејќи дека напорите на опозициската партија не се насочени кон интересите на државата и граѓаните, туку „за нив единствено важна е одбраната на криминалот и судбината на Никола Груевски и фамилијата“.

– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ последниов период намерно блокира неколку собраниски комисии, на коишто се расправа за реформски закони. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира и постапката за  формирање на Државна изборна комисија (ДИК), со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за иднината на државата – рече Костадинов.

Тој повика ВМРО-ДПМНЕ веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања, за да се избере новата ДИК.

– Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните. Македонија забрзано чекори напред и враќање назад нема. Македонија да биде заложник на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ. Мнозинството како и секогаш до сега ќе ја превземе одговорноста за државата, наспроти неодговорната опозиција која секојдневно сака да ни ги затвори вратите за ЕУ и НАТО – изјави Костадинов.

Тој порача дека Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и владејачкото мнозинство е подготвено веднаш да ги поддржи во Собранието.


Пратениците денеска ќе ги гласаат реформските закони


Скопје, 12 април, 2018 - 10:10 (META) 

По гласањето за интерпелацијата за владата поднесена од ВМРО-ДПМНЕ, денеска на дневен ред во Собранието се реформските закони кои се носат со двотретинско мнозинство. На собраниската расправа и гласање ќе бидат присутни и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои четири месеци ја бојкотираа собраниската работа, но најавија дека ќе ги поддржат законите од планот „3-6-9“ на владата.

На дневен ред на 34. седница е реформскиот Закон за судовите, на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање, а на 22. седница има една заостаната точка, измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка.

Закажана е и 41. седница на која на дневен ред се дополнетите предлози на законите за Оперативно – техничка агенција и на законот за следење на комуникациите, двата во второ читање.

Реформските закони ќе се гласаат во пресрет на објавувањето на Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата на 17 април.


Собранието за во четврток го одложи гласањето на реформските закони


Скопје, 10 април, 2018 - 10:54 (META) 

Собранието ги одложи 22, 34 и 35 собраниска седница кои требаше да почнат денеска во 11 часот, а на дневен ред беа реформските закони за правосудството.

Од Собранието информираат дека седниците ќе продолжат на 12 април, четврток, во 11 часот.

Според агендата, на 22 седница треба да се гласа за измените и дополнувањата на законот за заштита на сведоци, по скратена постапка, на 34-тата седница има една точка на дневен ред – реформскиот закон за судовите, а на 35-та се дополнувањата на законот за јавното обвинителство и законот за кривична постапка, во второ читање.

За утре се очекува да се одржи седница за гласање доверба на Владата, откако деновиве опозицијата го достави барањето до Собранието. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, беше еден од мотивите за враќање на опозицијата во собранието.


Пратениците денеска ќе гласаат за реформските закони


Скопје, 10 април, 2018 - 9:35 (META) 

Дел од реформските закони за правосудството денеска ќе се најдат пред пратениците. Во Собранието се закажани четири пленарни седници и повеќе комисии.

Според агендата, на 22 седница има една заостаната точка – измени и дополнувања на законот за заштита на сведоци, по скратена постапка. Веднаш потоа следува 34-тата седница со една точка на дневен ред – реформскиот закон за судовите, а на 35-та се дополнувањата на законот за јавното обвинителство и законот за кривична постапка, во второ читање.

За утре се очекува да се одржи седница за гласање доверба на Владата, откако деновиве опозицијата го достави барањето до Собранието. Ова, според ВМРО-ДПМНЕ, беше еден од мотивите за враќање на опозицијата во собранието.


На координација кај Џафери одлучено на 10 април да се гласа за интерпелација на владата


Скопје, 2 април, 2018 - 14:37 (META) 

Седницата на Собранието на која ќе се најдат реформските закони треба да се одржи на 10 или 11 април.

Ова е еден од заклучоците на денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, на која не присуствуваше претставник на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Враќањето на опозицијата во работата на Парламентот беше најавено синоќа од лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, но како што посочуваат од пратеничката група, тие ќе се вратат во Собранието со една точка, а тоа е интерпелацијата на Владата.

Очекувањата се дека деновиве ВМРО-ДПМНЕ ќе го изготви предлогот, но не се знае кога ќе биде доставен до архивата на Парламентот. Седницата треба да биде закажана најдоцна во рок од три дена по поднесувањето.

Од ВМРО-ДПМНЕ, сепак, велат дека нивните очекувања се дека седницата за недоверба на Владата би била по велигденските празници.

Мицкоски синоќа рече дека речиси се усогласени и дека дали ќе учествуваат на седницата со реформските закони зависи од тоа претходно да се одржи седницата за интерпелација на Владата.

Тоа би значело дека, доколку пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе иницијативата за интерпелација на Владата пред Велигден, седницата да биде закажана на 10 април, а веднаш потоа на 11 април да биде закажана седницата за реформските закони.

Од владејачкото мнозинство брифираат дека сакаат овие закони да бидат донесени до 13 април, пред Извештајот за напредокот за земјата на 17 април.