Обвинителство почна предистражна проверка на тендерот за биореагенси


Скопје, 10 август, 2018 - 9:59 (META) 

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција почнало проверка за тендерот за лабораториски реагенси што предизвика бројни реакции и повици за оставка на министерот за здравство, Венко Филипче.

Тоа се прави поради на индиции за повреда на законот при постапки на доделување на договори за јавни набавки во Министерството за здравство, но сепак не станува збор за отворање предмет. Обвинителството и претходно од јавноста и од партиите беше обвинето дека молчи за овој случај.

„Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со неправилностите при спроведување на постапките за јавни набавки во Министерството за здравство. Предметот се однесува на постапката за јавна набавка за биореагенси и тестови на крв во износ од 35 милиони евра и за набавка на лекови од веледрогерија за потребите на јавните здравствени установи без тендерска постапка во износ од 24,6 милиони денари“, соопштија од Обвинителство.


Филипче: Министерството за здравство го поништи тендерот за набавка на реагенси


Скопје, 23 јули, 2018 - 11:01 (META) 

Министерот за здравство Венко Филипче денеска изјави дека на тендерот за набавка на тестови и реагенси за биохемиски, имунолошки, хематолошки, коагулациони и гасни анализи со отстапување на потребната опрема (анализатори) на бесплатно користење за потребите на Јавните здравствени установи, се јавил само еден економски оператор кој има недостатоци во поднесената документација.

– Интензивно работевме на евалуација на понудата од моментот на нејзиното отварање. Првичната евалуација укажува на недостатоци во поднесените документи од страна на економскиот оператор. Токму затоа Министерството за здравство донесе одлука дека тендерот треба да се поништи. Истовремено сметаме дека во овој случај и за овој тендер е некоректно да се склучи договор, иако Законот за јавни набавки дозволува да се склучи договор со една фирма понудувач – рече Филипче.

Тој ги  повикува компаниите кои работат во оваа сфера, да работат на намалување на цените на реагенсите и до 15-20 проценти колку што е пазарната вредност.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека „десетици милиони евра се делат на фирма формирана пред четири месеци, која како прва зделка добива тригодишен монопол на лабораториските испитувања“.


СДСМ: Нема реагенси за крвна слика, а власта ќе седи на мебел во рококо-стил


Скопје, 23 јануари, 2016 - 11:25 (META) 

„Власта на ВМРО-ДПМНЕ и Емил Димитриев, според последните најави, во Владата ќе седат на мебел во рококо-стил од времето на Луј Петнаесетти, со перници со специјална мемориска пена и со пердуви, со маси во боја на кралско вино, на рачно изработени теписи платени со пари од граѓаните. Ова се случува додека граѓаните во Прилеп не можат да проверат крвна слика, бидејќи во прилепската болница нема реагенси“, се вели во соопштението на СДСМ.

Понатаму се додава дека во болницата во Штип нема тумор-маркери за прегледи на гради, матка и на дебело црево.

– Лани беше намален буџетот на Клиниката за онкологија за 1,6 милиони евра, со што цела година пациентите беа оставени без потребните цитостатици. Од 26 анти-епилептични лекови што се користат во светот, во Македонија има само 11. Повеќе од 20.000 лица мака мачат да се снајдат со соодветни лекарства, чија терапија во просек чини по 2.000 денари. Има проблеми и со набавките на неопходни лекови за деца, на Клиниката за детски болести. Пациенти соопштуваат дека набавките ги сопира економскиот директор – посочуваат од СДСМ.

Од опозициската партија потсетуваат дека министерот за здравство, Никола Тодоров, најави дека бремените жени ќе добиваат бесплатни микробилошки услуги, но практиката покажува дека ниту една жена од социјално-загрозените семејства од Шуто Оризари не ја искористила мерката бидејќи нема соработка меѓу социјалните служби и здравството.