Дејан Бошковски разрешен од Регулаторна комисија за енергетика


Скопје, 25 декември, 2017 - 16:39 (META) 

Собранието, со 62 гласа „за“, го разреши поранешниот генерален директор на АД ЕЛЕМ, Дејан Бошковски, од Регулаторната комисија за енергетика.

Според Владата, при именувањето, Бошковски не го исполнил условот најмалку една година пред назначувањето за член на регулаторното тело да не бил член на надзорен или на управен одбор или на одбор на директори во друштво кое врши регулирана енергетска дејност.

Бошковски беше поставен за член во октомври минатата година.

Собранието го именуваше Панче Орцев за член на Комисијата на местото на Елена Маркова – Велинова, на која и заврши мандатот.


Тони Јакимовски обвинет во „Тврдина“ разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК


Букурешт, 19 септември, 2017 - 12:05 (META) 

Тони Јакимовски, поранешен шеф на кабинет на ексдиректорот на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, и обвинет во случајот „Тврдина“ на СЈО, денеска бил разрешен од позицијата директор на СЕЛЕК – организација за борба против организираниот криминал во Југоисточна Европа, со седиште во Букурешт.

Јакимовски бил разрешен на барање на македонското министерство за внатрешни работи. На тајното гласање, како што јавува „Телевизија 24“, повикувајќи се на извори од МВР, за разрешување на директорот гласале сите 11 члена на Советот на СЕЛЕК.

Инаку, Јакимовски е обвинет во случајот на СЈО за уништување на опремата од нелегалното следење на комуникациите, заедно со поранешниот шеф на петтата управа, Горан Грујовски, кој месец и половина е во бегство. Во рамките на постапката, судот на Јакимовски му ги одзеде обичниот и дипломатскиот пасош.

Тој беше назначен за директор на СЕЛЕК минатата година, на предлог на тогашниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков.


Собранието го разреши Марко Зврлевски


Скопје, 17 август, 2017 - 15:49 (META) 

Со 64 гласа за, без гласови против и воздржани, Собранието на Република Македонија пред малку го разреши од функцијата Јавниот обвинител на Република Македонија, Марко Зврлевски.

Пред самото гласање, Илија Димовски кажа дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ нема да да присуствуваат и да гласаат и повтори дека целата постапка е незаконска и тие ја напуштија салата пред гласањето.

На ова му претходеше расправа меѓу претседателот на Собранието Талат Џафери и Димовски околу известувањето од Антикорупциската комисија за (не)законитоста на постапката за разрешувањето на Зврлевски.

Со тоа денеска заврши 13-тото продолжение на 6-тата седница.

Потоа Собранието продолжи со петтата седница.


Разрешен Горан Грујовски, началникот на петтата управа


Скопје, 20 јули, 2016 - 14:24 (META) 

Горан Грујовски, началникот на петта управа при МВР, е разрешен од неговата функција, соопшти министерот за внатрешни работи, Митко Чавков, одговарајќи на новинарско прашање. Грујовски е осомничен во случајот „Тврдина“ на Специјалното јавно обвинителство.

Чавков не сакаше да образложи зошто е разрешен началникот на петтата управа, но вели дека разрешувањето е во законските рамки.

Тој рече дека Грујовски од вчера го прекинал боледувањето, се вратил на работа и е разрешен од позицијата началник на петтата управа, а сè уште нема поставено замена на неговото место.

Грујовски и уште четворица осомничени, меѓу кои и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, се товарат дека минатата година ги уништиле системите од незаконското прислушување вредни 10 милиони евра.


Мурињо не е повеќе тренер на Челси


Лондон, 17 декември, 2015 - 17:11 (META) 

Жозе Мурињо повеќе не е е тренер на Челси, откако денеска бил разрешен од функцијата, јавува „Би-Би-Си“.

„Фудбалскиот клуб Челси и Жозе Мурињо денеска се збогуваа со заемна согласност. Сите од Челси му се благодарни на Жозе за неговиот извонреден придонес по неговото враќање во клубот, летото 2013 година“, било наведено во соопштението од лондонските „сини“.

Раздлебата на Челси со Мурињо доаѓа седум месеци откако португалскиот стратег го однесе клубот до титулата во Премиер-лигата и го освои Лига-купот.

Сепак, во новата сезона Челси загуби девет од 16 мечеви во Премиер-лигата и е на 16. место на табелата. Последниот натпревар за Мурињо на кормилото на Челси беше во понеделникот, кога сега веќе неговиот поранешен тим загуби со 2 – 1 од Лечестер Сити, кој во моментов е прв на табелата во Премиер-лигата.

Како што пишува „Би-Би-Си“, сопственикот на Челси, Роман Абрамович, веќе е во потрага по нов тренер, а како можни наследници на Мурињо се споменуваат Пеп Гвардиола, Гус Хидинг, Брендан Роџерс и Хуан де Рамос.


Горан Трајковски разрешен од позицијата прв човек на УЈП


Скопје, 4 ноември, 2015 - 13:16 (META) 

Горан Трајковски е разрешен од функцијата директор на Управата за јавни приходи, а одлуката била донесена на синоќешната седница на Влада.

Нов директор на оваа институција ќе биде Кирил Миновски, кој ја вршеше функцијата прв човек на Државен пазарен инспекторат.

Управата за јавни приходи беше спомната во извештајот на Прибе како област за која има силни критики и за која власта, заедно со опозицијата, треба да договори ослободување.

Името на Горан Трајковски се спомнуваше во „бомбите“ што ги објави СДСМ, во кои, според опозицијата, тој зборува за казнување и за затворање фирми и дуќани за време на избори.

Владата во август годинава распиша оглас за именување директор на УЈП, но Трајковски повторно остана да раководи со оваа институција.

Горан Трајковски беше прв човек на УЈП девет години.

Kiril-Minoski

Новиот директор на УЈП, Кирил Миновски