Судењето за „Монструм“ одложено, се разболел судијата


Скопје, 11 јули, 2018 - 11:28 (META) 

Поради болест на судијата Осман Шабани, денешното рочиште на случајот на СЈО „Монструм“, на кое требаше преку видеоврска, со затемнет лик и изменет глас, да се сослуша загрозениот сведок Е1, е одложено, јави „Порталб“.

Родителите и роднините на убиените четири момчиња од Радишани и на рибарот од Црешево, реагираа на одложувањето на судењето, кое треба да продолжи на 22 и 24 август. Тие обвинија дека центар на моќ влијае на судскиот процес, оти во случајот со масакрот биле вмешани шестмина функционери на ДУИ, како и дека судијата Шабани намерно избегнал да дојде поради инструкции од ДУИ, извести „Порталб“.

Случајот е за убиството на Александар Наќевски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Кире Тричковски, на возраст од 18 до 21 година, сите од Радишани, и на Борче Стевковски од Црешево, на Смилковско Езеро на 12 април 2012 година.


Жител на Радишани нападнат од две непознати лица


Скопје, 29 јули, 2017 - 14:31 (META) 

Жител на скопската населба Радишани синоќа во Единицата за известување и командување пријавил дека околу 17.30 часот физички бил нападнат од две непознати лица, соопшти МВР.

Триесет и деветгодишниот В.Р. се движел по улицата Радишанска, со своето патничко возило „ланд ровер“ со скопски регистарски ознаки, во кое биле неговата сопруга и неговата ќерка, а во еден момент патничко возило „пасат“ со непознати регистарски ознаки, кое се движело пред него, без предупредување нагло сопрело.

Изреволтиран поради постапката, В.Р. го сопрел своето возило, излегол и се упатил кон возилото пред него. По кратка расправија, од возилото излегле две непознати лица и физички го нападнале В.Р., кој загрозен за неговата сигурност, почнал да им возвраќа на ударите. Откако некој од присутните пријавил во полиција, едното лице избегало, а другото влегло во возилото и со возилото го удрил В.Р., кој паднал на хаубата и со главата го удрил ветробранското стакло. По 100 метри возилото сопрело и В.Р. паднал од хаубата.

Со возило на итна медицинска помош тој бил пренесен во Ургентен центар Скопје, каде бил задржан на понатамошно лекување.


Ограбена аптека во Радишани


Скопје, 20 мај, 2017 - 11:45 (META) 

Вработена во аптека во населба Радишани синоќа во 21 часот пријавила во полиција дека непознат маскиран сторител извршил разбојништво.

Сторителот со закана со нож од вработената го одзел дневниот промет и побегнал во непознат правец.

Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот.