Бугарија со видео за антиката и за 21. век ветува посилна и дигитална Европа


Софија, 3 јануари, 2018 - 9:39 (META) 

Бугарија, која од вчера е претседавач на Советот на Европската Унија во следните шест месеци, направи куса видео-презентација со која се претставува пред светот.

Во четириесетина секунди од најавното видео, претставени се некои од најзначајните природни одлики на Бугарија, но и цркви и антички локалитети, со кадри од новите автопати и други сообраќајници, како спој на наследството на земјата во 21.век. Истовремено се претставува и специфичното народно културно наследство, како ората и маските Кукери.

Неделава се очекува на веб-сајтот на бугарското претседавање со ЕУ треба да се објави и подолго видео што ќе ја презентира земјата, која вели дека презела „одговорна задача со амбиција да работи за пообединета, посилна, побезбедна и дигитална Европа, во која гласот на секој граѓанин ќе има значење“.


Спотот на ФФМ за Суперкупот на УЕФА како реклама за „Скопје 2014“


Скопје, 3 јули, 2017 - 14:01 (META) 

Натпреварот од Суперкупот на УЕФА, кој на 8 август во Скопје ќе го играат „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, повторно ја подгреа страста кај вљубениците во фудбалот, откако медиумите информираа дека „УЕФА го објавила“ промотивниот видеозапис.

На јутјуб-каналот на УЕФА, пак, како и на нејзината веб-страница нема тако нешто. Последната информација на веб-страницата на Унијата е објавена на 17 јуни, а вели дека во Скопје ќе се игра натпреварот меѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“, но – видеозаписот го нема.

Тој е објавен од Фудбалската федерација на Македонија, која, иако членка на УЕФА, сепак не ја претставува целата европска фудбалска федерација.

Видеозаписот, инаку, е во манирот на класичните промоции за телевизиската публика веќе видени во изминатава деценија, кога се промовираше Македонија како туристичка дестинација или винските ресурси на Македонија, но за разлика од тие спотови, овојпат доминираат градбите од „Скопје 2014“.

Во видеозаписот е претставена и Националната арена „Филип Втори“, каде би требало да се игра натпреварот, ама претежно се гледаат Матка, Скопје од Водно, но и споменикот на Филип Втори, Владата, Милениумскиот крст, црквата „Свети Спас“, кадри од центарот на градот… Во втората половина следува поопсежно претставување на стадионот, испресечено со кадри од Порта Македонија, Археолошкиот музеј, и т.н. сува фонтана на плоштадот Македонија.