Рокот за аплицирање за земјоделски субвенции истекува на 12 јуни


Скопје, 8 јуни, 2018 - 11:46 (META) 

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Тој додаде дека досега аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

– За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари – истакна Бабовски.

Платежната агенција годишно обработува околу 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.


Николовски: Рекорден број на барања за средства од програмата ИПАРД


Охрид, 8 февруари, 2018 - 19:17 (META) 

На првиот јавен повик од програмата ИПАРД- 2014-2020 биле пристигнати рекордно голем број на добиени барања за ко-финансирање, изјави денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на регионалната Работилница за имплементација на програмите ИПАРД, што се одржа во Охрид.

Тој додаде дека, биле пристигнати 1.649 барања и побарани над 55 милиони евра за ко-финансирање, а целата програма ИПАРД-2014-2020, која може да се користи до 2023 година, изнесува 60 милиони евра.

„Пред нас е предизвикот да се обработат сите барања и да се потпишат договори со корисниците, и оваа година да имаме исплати, за што Платежна агенција прави големи напори за да се забрза овој процес“, изјави Николовски.

Тој информираше дека програмата ИПАРД 1 завршила и последните исплати кон крајните корисници биле реализирани. Според податоците, биле доставени 3.069 барања за користење на средства ИПАРД, а се исплатиле 1.052 барања, во вредност од 16 милиони евра.

Како проблем кој што го истакна при реализацијата на програмата ИПАРД е недоволен број на кадри во Платежната агенција и Телото за управување со ИПАРД, за што во тек е процес на нови вработувања.


Потребно е итно зајакнување на капацитетите на Платежната агенција, порача Николовски


Скопје, 12 декември, 2017 - 18:37 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски денеска на првите луѓе на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на ЕУ (ДГ Агри) Лиам Бреслин, Ана Новак и Зиго Рутковски, упатил јасна порака за итно зајакнување на капацитетите на Платежната агенција за ефикасна искористеност на постојните и акредитација на нови мерки од ИПАРД Програмата, соопшти Министерството за земјоделство.

Николовски посочил дека зајакнувањето на капацитетите на ИПАРД управувачкото тело и на Платежната агенција, се високо на агендата на Владата и очекува во иднина да дојде до фазно доекипирање на овие две тела, а подеднакво посветено се работи и на акредитирање на нов мерки од ИПАРД Програмата.

Министерот исто така истакнал дека треба да се поедностават процедурите за аплицирање за ИПАРД Програмата и воведување на основни документи за подобност.

На средбата, Николовски им се заблагодарил на претставниците на ДГ Агри за нивната заложба за Македонија да може ефикасно да ги искористи ЕУ фондовите и посочил дека Министерството ќе биде силен партнер со ДГ Агри, се со цел модернизирање и приближување на македонското земјоделство до европските стандарди.


Николовски: Земјоделците и нивните семејства ќе го дочекаат Велигден без пари


Скопје, 13 април, 2017 - 13:12 (META) 

„Освен што се блокирани сите процеси во државата, и граѓаните се економски загрозени. Меѓу нив се земјоделците кои сè уште не ги имаат добиено субвенциите за минатата година, а многумина од нив и за претходните неколку години“, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека поради несериозноста и неодговорноста на раководството на ВМРО-ДПМНЕ и на нивните пратеници, илјадници земјоделци и нивните семејства ќе го дочекаат Велигден без пари.

„Луѓето се оставени без субвенции токму во време кога најмногу им се потребни за нови вложувања. Дел од нив се задолжуваат за да продолжат да работат. Дел од нив немаат кој да им помогне, и тие, ако не посадат род, следната година нема да има ни од што да се прехранат. Со недели досегашната власт ги лаже земјоделците дека исплатата на субвенциите само што не почнала. Тоа се случува додека секојдневно смислуваат нови изговори да не им ги исплатат парите на луѓето, префрлувајќи ја одговорноста од една на друга институција“, изјави Николовски.

Тој нагласи дека и по смена на тројца директори на Платежната агенција, субвенциите не се исплаќаат, а Министерството за финансии не одговара зошто земјоделците не ги добија субвенциите што им следуваат по закон.


Николовски: Блокадата на Собранието е на директна штета на граѓаните


Скопје, 5 април, 2017 - 15:49 (META) 

„Блокадата на Собранието е неодржлива ситуација и мора веднаш да прекине затоа што се одразува директно на штета на граѓаните на Македонија“, изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека раководните кадри на ВМРО-ДПМНЕ во Платежната агенција и во Министерството за финансии „буквално си играат со егзистенцијата на илјадници семејства на земјоделци со мали деца“.

„Ако од Платежната агенција има налози до Министерството за финансии, зошто Министерството за финансии не ги исплаќа субвенциите на луѓето? Ако Министерството за финансии нема пари, Кирил Миноски мора веднаш да одговори каде отидоа повеќе од 300 милиони евра од задолжувањата направени од почетокот на годината до денес? И што е поважно од интересите на граѓаните?“, изјави Николовски.

Тој нагласи дека станува збор за задоцнета исплата на субвенции за 2016 година, 2015 г., па сè до 2012 година“.

„Несериозните кадри на ВМРО-ДПМНЕ прво менуваа директори, дадоа откази, па потоа се правдаа со процедури, но тука е крајот. Досегашната криминална власт на ВМРО-ДПМНЕ до последен ден е подготвена да работи за криминалот со кој трупа богатства на своја сметка. И во февруари и во март, приоритет им биле нафтени платформи, тендерите и бизнисите на Мијалков и на Груевски“, додаде Николовски.

Според него, затоа „Трајко Вељаноски, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов, мора веднаш да се ослободат од  директивите со криминална заднина од криминалното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и да дозволат да се изберат новиот собраниски претседател и новата демократска и реформска влада“.

„Тоа ќе значи исплата на субвенциите за земјоделците, но и решавање на сите други важни прашања од интерес за сите граѓани на Македонија“, изјави Николовски.


Николовски: ВМРО-ДПМНЕ да не ја кочи исплатата на субвенциите на земјоделците


Скопје, 4 април, 2017 - 15:56 (META) 

„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата немаат ама баш никакво право со блокадата на парламентот и понатаму да ја загрозуваат егзистенцијата на земјоделците, коишто ги немаат добиено субвенциите за ланската, но и за неколку претходни години,“ изјави на прес-конференција пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој додаде дека „итно мора да се овозможи формирање на новата демократска и реформска Влада којашто ќе го реши проблемот со исплатата на субвенциите на земјоделците.“

„Егзистенцијата на илјадници земјоделци е сериозно загрозена затоа што несериозни кадри на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата ги узурпираат институциите и си ја префрлуваат одговорноста. Тие ги користат процедурите како изговор, за да не им ги дадат субвенциите на луѓето кои што ги заслужуваат и им следуваат по закон,“ изјави Николовски.

Тој појасни дека „досега се сменија тројца директори на Платежна агенција, а исплатата на субвенциите никако да почне.“

„В.д. директорот на Платежната агенција, Игор Златков изјави дека има потпишано налози за исплата и дека субвенциите ќе бидат исплатени. Министерството за финансии, пак, известува дека немаат добиено комплетна документација со налози за да се изврши исплата, којашто ќе зависела од состојбата на трезорот и од тоа дали има или не пари во буџетот,“ изјави Николовски.

Тој додаде дека „ова e безобразно поигрување со маката на земјоделците коишто трпат за леб, додека Мијаков и Груевски се шират и во нафтениот бизниси, а нив ги штитат пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието и Ѓорге Иванов кој противуставно не го доделува мандатот за состав на влада на мнозинството во парламентот“.