!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Изложба на графичарката Андријана Мациев во Прилеп


Прилеп, 27 јули, 2017 - 10:56 (META) 

Во галеријата „Борко Лазески“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, утре во 20 часот ќе биде отворена изложбата на дела „Живот во бои 2“ од уметницата Андријана Мациев, која пред прилепчани ќе се претстави со 15 дела.

Андријана Мациев дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, во одделот графика, во класата на професор Димитар Малиданов. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија.

Зад себе има бројни самостојни и групни изложи и награди стекнати во Европа и во Македонија.


Почнува „Прилепско културно лето“


Прилеп, 19 јуни, 2017 - 10:53 (META) 

Со почетокот на ликовната колонија „Дрен“ и со концертот на Камерниот оркестар – Битола во Центарот за култура „Марко Цепенков“, вечерва во Прилеп почнува традиционалната манифестација „Прилепско културно лето“.

– Публиката и годинава ќе има можност да ужива во бројни настани од областа на сценско-музичката и ликовната дејност – вели директорот Тони Чатлески.
Колонијата „Дрен“ годинава се одржува по десетти пат. Во ликовното ателје, во дворот на Центарот  за култура, ќе творат десетина уметници од земјата и од странство.

Во 20 часот во ликовниот салон под мотото „Акустична рок-симфонија“ ќе настапи дел од Камерниот оркестар на Битола, кој во акустична верзија ќе исполни безвременски рок-композиции препознатливи за сите генерации. Камерниот оркестар основан пред неколку децении, составен е од професионални музичари и досега има бројни успешни концерти низ Македонија, а учествувал и на реномирани фестивали.

Исто така, во рамките на културното лето од 21 до 23 јуни, во киното „Мис Стон“ ќе се одржи Француски филмски фестивал.


Eдицијата „Бајки од Македонија“ испечатена со Браjoво писмо


Скопје, 7 април, 2017 - 14:44 (META) 

Едицијата „Бајки од Македонија“ е испечатена со Браjoво писмо и е една од дваесетте изданија на издавачката куќа „Арс ламина“ испечатени со ова писмо.

Оваа едиција во која влегуваат бајките „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и дванаесетте месеци“, претставува модернизирана и адаптирана форма на приказни од македонското народно творештво собрани и забележани од Марко Цепенков и од Танас Вражиновски.

Новото ексклузивно издание на едицијата „Бајки од Македонија“ беше промовирано во рамките на 29. издание на Меѓународниот саем на книгата во Скопје.

Исто така, во рамките на саемот, едицијата „Бајки од Македонија“ доби награда за најдобро печатено издание, како и награда за најдобра книга за деца од Македонската асоцијација на издавачи (МАИ).


Унгарска вечер утре во Прилеп


Прилеп, 29 март, 2017 - 10:21 (META) 

Унгарска вечер ќе се одржи утре во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Настанот се организира во соработка со Амбасадата на Унгарија во Македонија.

Во 18.30 часот, во ликовниот салон ќе биде отворена историската изложба „Унгарците во логорите од Советскиот Сојуз 1944-1956“ во спомен на годината на унгарските политички затвореници депортирани на принудна работа. Изложбата ќе ја отворат амбасадорот на Унгарија во Македонија, Ласло Иштван Дукс, директорката на Домот на Унгарците, Кристина Чиба, и прилепскиот градоначалник, Марјан Ристески.

Веднаш потоа, од 19 часот, во големата сала, концерт ќе одржат Аги Херцку и нејзината група „Банда“, кои ветуваат енергичен настап.


Прилепскиот театар со „Буре барут“ гостува во Бугарија


Враца, 15 мај, 2015 - 17:42 (META) 

Театарот „Војдан Чернодрински“ при ЦК „Марко Цепенков“ со претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, во режија на Наташа Поплавска, утревечер, 16 мај, ќе гостува на отворањето на Фестивалот на камерна сцена во Враца, Бугарија.

Публиката ќе има можност да ја проследи претставата во која Поплавска режисерската поставка ја канализира во правецот на покажување на љубовта и на емоциите и го поставува прашањето „зошто“.

На фестивалот учествуваат театри од Бугарија, Србија, Хрватска, Словенија, Романија и од Русија. Гостувањето е поддржано од Министерството за култура.