Кукан: Пред да се објави договорот, политичарите да ја подготват јавноста


Брисел, 8 јуни, 2018 - 12:04 (META) 

Европратеникот Едвард Кукан смета дека политичарите треба прво да ја подготват јавноста пред да го објават договорот за името во кој најтешкиот дел не е името само по себе.

-Мислам дека ја научија лекцијата последниот пат со предлогот Илинденска Македонија – смета Кукан и додава дека според него не е најважно името туку Уставот, јазикот, културата.

Кукан вели дека од лидерот на грчката опозициска партија Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, биле информирани дека тој немало да биде комплетно негативен кон решението за името.


Имаме добар договор на масата, но некои играат игри, велат од грчка влада


Атина, 8 јуни, 2018 - 9:29 (META) 

Грчката Влада реагираше на соопштението на македонското МНР дека не треба да се брза со договорот за името, бидејќи квалитетот на решението е поважен од тоа во кој рок ќе се финализира процесот.

Според нив, постои добар договор, но велат дека „некои играат игри“.

– Имаме добар договор на масата, за кој, како што рече премиерот на ПЈРМ, мора да се затвори многу наскоро. За жал, некои инсистираат на играње игри- соопштил синоќа грчки владин функционер, пренесе „Независен“.


Хан не нè спомна, побара Западен Балкан прво економски да се обедини, па да влезе во ЕУ


Париз, 4 јули, 2016 - 13:53 (META) 

Еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, во своето обраќање на бизнис-форумот во рамките на Самитот за Западен Балкан во Париз, со ниту еден збор не ја спомна Македонија, за разлика од Црна Гора, Албанија, Србија и од Косово.

Еврокомесарот смета дека иако во моментов ЕУ е во тешка фаза, потенцијалот за членство во ЕУ продолжува да биде фактор на промени и сидро на стабилност за земјите од Југоисточна Европа.

Хан притоа нагласи дека мерките што ЕУ ги предлага треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред земјите и официјално да станат членки на Унијата.

„Еден од најголемите предизвици за подготовка на земјите од Западен Балкан за членство во ЕУ е реконструкција на економијата. Владеењето на правото и економскиот развој се две страни на една иста паричка. Владеењето на правото, особено правната сигурност и функционирањето на судскиот систем, ги поттикнува инвестициите и економскиот пораст. Западен Балкан во моментов се соочува со значителни проблеми. Нашиот пристап е да го зајакнеме економското владеење. Тоа е единстевниот начин за регионот да доживее долгорочен економски пораст и подоборување на продуктивноста и на компетитивноста“, вели Хан.

Според еврокомесарот, повеќето земји покажале силна посветеност на економскиот реформски процес и го поставиле како централен елемент во своето стратешко планирање во економијата. Неговата имплементација, додава Хан, се одвивала со различна динамика во секоја земја, особено во однос на клучните препораки за структирни реформи.

„Секоја влада за следната година треба да преземе конкретни чекори за спроведување на секоја од реформите“, рече Хан, додавајќи дека ЕУ била многу јасна кога посочила дека станува збор за реформи кои се неопходни за да им се даде вредност на инвестииците.

Тој вели дека поврзувањето не значи само градење на нова инфраструктура, туку се огледува и во начинот како таа најдобро да се искористи.

„Инвестициите без реформи немаат многу смисла. Зошто некој би инвестирал во нови патишта ако постојната мрежа не се одржува правилно? Ние решивме да дадеме 96 милиони евра за три железнички инфраструктурни проекти во Србија, Албанија и во Касово. Исто така, ќе дадеме 50 милиони евра за „зелени проекти“, како што се енергетската ефикасност на стабени згради и мали хидроцентрали. Ова покажува дека ние сме сериозни во нашата решеност до 2020 година висината на грантовите за кофинансирање на поврзувачки проекти да изнесува 1 милијарда евра. Сите овие мерки треба да водат кон создавање на единствен пазар на Западен Балкан, пред приклучувањето на земјите во ЕУ“, рече Хан.


Бејли: Македонија победи


Скопје, 15 јули, 2015 - 12:52 (META) 

Лидерите ги ставија интересите на граѓаните пред партиските интереси, рече американскиот амбасадор Џес Бејли, поздравувајќи го постигнатиот договор за излез од политичката криза.

– Македонија победи. Сакам да ги пофалам лидерите што постигнаа договор синоќа и ги ставија граѓаните пред политичките интереси на партиите. Самиот договор ќе значи многу работа и исполнувањето на одредбите од тој договор ќе значи дека Македонија силно ќе се придвижи кон НАТО и кон ЕУ – изјави Бејли, додавајќи дека САД заедно со ЕУ и со ОБСЕ ќе помогне во напредокот на Македонија.

Американскиот амбасадор ги поздрави напорите на еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан, и на другите претставници на ЕУ што помогнаа во надминувањето на кризата.


Почна меѓународната вежба „Балкански одговор 2015“


Крушевац, 26 мај, 2015 - 11:44 (META) 

Припадници на македонските вооружени сили учествуваат на мултинационалната цивилно-воена вежба „Балкански одговор 2015“, која почна денеска во касарната „Цар Лазар“ и на полигонот Равњак во српскиот град Крушевац.

Целта на вежбата, која трае до петок, 29 мај, е тренирање спасување во услови на контаминација настаната поради терористички напад со оружје за масовно уништување.

Во вежбите, покрај македонските и припадниците на српското министерство за одбрана и војската на Србија, учествуваат и лица од Обединетите нации за забрана на хемиското оружје, како и припадници на вооружените сили на Австрија, Босна и Херцеговина, Словенија и на Црна Гора.

Статус на набљудувачи имаат припадниците на Белорусија, Бразил, Хрватска, Шпанија, Нигерија, Полска, Европската команда на вооружените сили на САД и на Европските одбранбени агенции.


Јоханес Хан в среда на средба со Поповски во Брисел


Брисел, 8 ноември, 2014 - 10:30 (META) 

Новиот комесар на Европска Унија надлежен за соседската политика и за преговорите за проширување, Јоханес Хан, на 20 ноември ќе ги посети Белград и Подгорица, а претходно, в среда, ќе го прими македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски.

Ова е прва посета на еврокомесарот Хан на регионот и е дел од планот на почеток на мандатот да ги посети сите земји од Западен Балкан и да даде знак дека преговорите за проширување се приоритетни како и порано.

Тоа ќе биде прва средба на новиот еврокомесар надлежен за проширување со еден министер од земја-кандидат за членство во ЕУ.

Јоханес Хан ја презеде новата должност на први ноември од досегашниот еврокомесар за проширување Штефан Филе.