Германската влада со финансиска поддршка за Македонија во висина од 9 милиони евра


Скопје, 20 декември, 2017 - 15:19 (META) 

Aмбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих и министерот за финансии, Драган Тевдовски ја потпишаа спогодбата помеѓу владата на Македонија и владата на СР Германија, за финансиска соработка во висина од девет милиони евра.

Спогодбата опфаќа реализација на два клучни проекти, Програма за наводнување на јужната долина на реката Вардар фаза 2 и Програмата за водовод и канализација фаза 2, чии договори за финансирање исто така беа потпишани денеска од страна на корисниците на грант-средствата.

– Германската влада преку КФВ банката доделува 9 милиони евра неповратни финансиски средства за реализација на две значајни развојни програми за Македонија. Тоа се програмата за водовод и канализација и програмата за наводнување на јужната долина на реката Вардар – истакна министерот Тевдовски.

Амбасадорот Герберих, рече дека Германија е најзначајниот трговски партнер на Македонија со годишна билатерална трговска размена од речиси три милијарди евра, која е во постојан пораст.

– Досега Германија стави на располагање 320 милиони евра за Македонија, главно за инвестиции во јавната инфраструктура, како санација и проширување на системите за водоснабдување и канализација, како и модернизација на земјоделските системи за наводнување – додаде Герберих.


Владата и германската КФВ ја разгледуваат можноста Битола да добие парно


Скопје, 15 ноември, 2017 - 14:48 (META) 

Воведување на систем за централно греење во Битола било во фокусот на средбата на премиерот Зоран Заев со делегација од германската КФВ банка за подршка на развојни проекти, предводена од Кристоф Дискенс, директор на групацијата за Југоисточна Европа и Турција.

На средбата присуствувале и заменик-амбасадорот Германија во Македонија, Марко Акватичи и советникот за економија на премиерот, Ванчо Узунов.

„Во фокус на средбата беше можноста за воспоставување на систем за централно греење во Битола, односно изградба на цевковод од РЕК Битола до градот, со што, во првата фаза на овој проект, ќе се воведе централно греење во јавните социјални и образовани институции како градинки, училишта и болници“, стои во соопштението на владината прес-служба.

Заев на средбата истакнал дека Владата е отворена за соработка со германската владина финансиска групација КФВ за изградба на канализациони системи, во помалите и поголеми рурални средини во земјата и дека програмите на оваа банка се инвестиции кои имаат потенцијал да го зајакнат и зголемат бруто домашниот производ на земјава.


Сугарески најави изградба на водоводни и канализациски мрежи во 20 општини


Скопје, 25 септември, 2017 - 12:44 (META) 

Инвестиции од 20 милиони евра за нови водоводни и канализациски мрежи во 20 општини најави денеска министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески. Рече дека акцентот ќе се стави на руралните општини, а целта е од сегашните 18 отсто, покриеноста со такви мрежи да се искачи на 40 отсто.

– Со оваа нова инвестиција на Министерството за транспорт и врски, онака како што ветивме, почнуваме со реализација на проектот за унапредување на водоводната и на канализациската мрежа. Особен акцент ставаме на руралните општини каде процентот на покриеност со водоводна и со канализациска мрежа е 18 отсто. Наша цел е за 4 години овој процент да се зголеми на 40 отсто, што е во функција на обезбедување рамномерен регионален развој и баланс меѓу урбаните центри и руралните средини – рече Сугарески.

Тој напомена дека проектите од овој нов инвестициски циклус на Министерството за транспорт и врски ќе се реализираат во соработка со Европската инвестициска банка, КФВ банката и со Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија.

Првите проекти што ќе почнат наскоро, се 18  на број, а за нив се планирани вкупно 7,4 милиони евра. Ќе се гради цевковод за подобрување на водоснабдувањето во Гостивар, ќе се инсталираат нови водомери со далечинско отчитување во општина Куманово, а во прилепско Големо Коњари ќе се гради дел од канализациска мрежа. Планирана е и изградба на секундарна мрежа на фекална канализација за населените места Короишта, Ливада и Ложани во општина Струга, во вредност од 456.000 евра. Исто така, ќе се реконструира водоводна мрежа на населба Превалец до село Оризари во оштина Велес, во Липково ќе се гради пречистителна станица за вода за пиење, а во Крива Паланка ќе се реконструира дел од водоводната мрежа. Во Долнени предвидено е да се гради дел од фекална канализација со пречистителна станица за село Ропотово, а предвидени се и проекти во Неготино, Битола, Виница, Ресен, Студеничани, Старо Нагоричане и во Желино.

Со 8 милиони евра, од кои 5 милиони се грант, односно неповратни средства, ќе се подобрува водоснабдувањето во општините Кавадарци, Радовиш и Гевгелија, а со неповратни 4 милиони евра од Секретаријатот за економски прашања од Швајцарија ќе се подобрува водоснабдувањето во општина Гостивар.