!На 1 февруари 2017 година, завршува промотивниот период на слободно користење, без регистрација и без претплата, на содржините на „Мета“, кое беше воведено за да им овозможиме полесен пристап на корисниците до навремени и проверени вести. За начинот на пристап и за претплата, од 1 февруари 2017 година ќе информираме дополнително. При пренесувањето и преземањето на содржините од „Мета“, задолжително е атрибуирање и линкување.

Уапсени сопственикот и главниот уредник на грчкиот неделник „Параполитика“


Атина, 11 јануари, 2017 - 12:41 (META) 

Грчката полиција ги уапси главниот уредник на неделникот „Параполитика“, Панајотис Ѕенос, и издавачот на весникот, Јанис Куртакис, по тужба на лидерот на Независни Грци и министер за одбрана, Панос Каменос.

Главниот уредник на весникот беше уапсен со големо полициско присуство од 15 полицајци во канцелариите на неделникот по тужба од Каменос за клевета против него и неговото семејство и за обид за изнудување.

Каменос тврди дека новинарите на неделникот, кој има и своја радио-станица, преку радио-емисија директно го напаѓале и ширеле лажни информации дека неговиот малолетен син е анархист и поврзан со уапсената терористка Пола Рупа. Каменос тврди дека ваквите информации се и директна навреда за него и ќе го попречат идното образование во странство и имиџ на неговиот син.

Уапсените новинари порачаа дека е ова обид за нивно замолчување и за заплашување и велат дека имаат доверба во независното судство. Новинарите, исто така, велат дека судот ја отфрлил тужбата на Каменос за изнудување.

Против апсењето на новинарите се огласи и медиумската бранша, новинарскиот синдикат ЕСИЕА и сите опозициски партии, кои го осудија овој чин од владата на СИРИЗА и на Независни Грци и побараа почитување на слободата на печатот.


Почина светската музичка ѕвезда Џорџ Мајкл


Лондон, 26 декември, 2016 - 9:39 (META) 

Пејачот и светска музичка ѕвезда Џорџ Мајкл вчера починал во својот дом во Оксфордшир, Велика Британија, на 53-годишна возраст, соопштил неговиот публицист, пренесува „Би-би-си“.

Медицинските екипи биле повикани во неговиот дом, вчера во 13.42 часот, според локално време, а полицијата соопштила дека смртта на пејачот засега ја третира како неразјаснета, но дека нема сомнителни околности.

Веста за смртта на Џорџ Мајкл ја соопшти неговото семејство, преку публицистот на пејачот.

„Со голема тага можеме да потврдиме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ почина во својот дом за време на божиќните празници. Неговото семејство бара нивната приватност да биде почитувана во овој тежок и емотивен период за нив“, стои во изјавата за смртта на Џорџ Мајкл.

Мајкл, кој е со грчко потекло и е роден како Георгиос Кирјакос Панајоту во северен Лондон, беше талентиран пејач, текстописец и продуцент, кој за време на својата кариера, која траеше речиси четири децении, продаде повеќе од 100 милиони албуми.

Својата кариера ја почна со музичкото дуо „Вем“ (Wham), со кое четирипати беше на врвот на британската листа за најдобри песни, пред да продолжи со издавање албуми како соло-артист, меѓу кои и „Faith“ во 1987 година, кој беше продаден во повеќе милионски тираж.

Мајкл соработуваше со голем број светски музички ѕвезди, меѓу кои и Арета Френклин и Елтон Џон, трипати беше победник на британските музички награди „Брит авордс“, а освои и две награди „Греми“.

По повод смртта на светската музичка икона, почит изразија повеќе негови колеги и пријатели, како неговиот партнер од дуото „Вем“, Ендрју Риџвеј, и Елтон Џон кој на својот профил на „Инстаграм“ напиша дека е во длабок шок.

„Изгубив сакан пријател – драг и добар човек и брилијантен уметник. Моето срце е со неговото семејство и сите негови обожаватели“, напиша Елтон Џон.


Романот „Алма Малер“ на охридскиот писател Димоски на американскиот пазар


Охрид, 2 јуни, 2016 - 11:55 (META) 

Романот „Алма Малер“ на охридскиот писател и драматург Сашо Димоски ќе биде издаден на американскиот пазар.

Ова ќе биде почеток на соработката на Димоски со престижниот издавач Џон О’Брајан, основач на великанот „Далки Аркајв прес“ – една од најреномираните издавачки куќи во Северна Америка.

„Далки Аркајв Прес“ ќе ја издаде и „Антологија на македонскиот современ расказ“.

О’Брајан, еден од основачите на реномираната издавачка куќа во САД „Далки Аркајв прес“, деновиве беше почесен гостин на четвртото издание на интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“ во Скопје.

Тој вели дека има голем интерес за македонската литература да се преведе и да се најде на американскиот пазар.