Ѕанакопулос: Во соседната земја беше направен историски чекор


Атина, 22 октомври, 2018 - 15:45 (META) 

Двотретински изгласаниот предлог во македонското Собрание за почеток на уставните промени е историски чекор што ги носи двете страни поблиску до финалното- стапување во сила на Договорот од Преспа, смета портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос.

-Она што се случи во соседната земја, во ПЈРМ, е историски чекор за почеток на процесите за уставна ревизија и нѐ носи еден чекор поблиску до финалното – стапување во сила на Договорот од Преспа, нешто што создава целосно различни позитивни перспективи и во нашите билатерални односи со соседната земја, но и во регионот, на целиот Балкан. Веќе влегуваме во нова историска фаза. Ги оставаме зад нас конфликтите од минатото и мислам дека оваа нова фаза ќе се покаже како исклучително позитивна за просперитет и соработка на полуостровот – рече Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Реал фм“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во однос на предвидените временски рокови, портпаролот на грчката Влада објаснува дека штом ќе се финализираат уставните измени, кои, според него, не е предвидено да завршат пред крајот на јануари, грчкиот Парламент ќе расправа за Договорот од Преспа, а потоа ќе биде ратификуван со предвиденото парламентарно мнозинство.

-Моето мислење е дека сѐ ова ќе се случи, бидејќи постои парламентарен и политички сооднос за ратификација и стапување во сила на Договорот, без да бидат предизвикани било какви политички разврски, кои не се директно поврзани со самиот овој договор – вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор.


Ѕанакопулос: Му посакуваме успех на Заев и очекуваме добар резултат на референдумот


Атина, 18 септември, 2018 - 15:48 (META) 

Очекуваме позитивен резултат од референдумот и му посакуваме успех на Заев, порача портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос на денешниот редовен брифинг со новинарите, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа што Грција очекува од референдумот кај нас.

– Очекуваме и се надеваме на позитивен резултат, бидејќи сметаме дека ова ќе биде првиот и одлучувачки чекор за Договорот од Преспа да стапи на сила. Му посакуваме успех на господинот Заев и го очекуваме резултатот – рече портпаролот на грчката Влада.

На денешниот редовен брифинг со новинарите, Ѕанакопулос уште еднаш порача дека и покрај ставовите и позициите на коалицискиот партнер во Владата, Панос Каменос, договорот од Преспа ќе дојде во грчкиот Парламент и ќе биде изгласан.

– Господинот Каменос не ги криеше неговите позиции во изминатите околу осум месеци откако се отворија разговорите кон договор за името на нашата соседна земја. Оттука, јас треба да ви кажам дека волјата на премиерот е штом се завршат предвидените чекори, односно, позитивен исход на референдумот и завршување на уставната ревизија во Собранието на соседната земја, да го донесе договорот и да се изгласа. Ако ги видите политичките корелации во грчкиот парламент произлегува дека за Владата не постои апсолутно никаква опасност. Договорот и ќе се достави и ќе се изгласа – рече Ѕанкопулос.

На прашањето дали грчката Влада за континуирано да изразува убеденост и да тврди дека ќе има мнозинство во Парламентот, значи дека има избројано најмалку 151 пратеник колку што е потребно за да биде ратификуван договорот, Ѕанакопулос истакна дека тоа произлегува од изјавите што одредени пратеници ги дале во изминатиот период.


Ѕанакопулос: Постои мнозинство во грчкиот Парламент да се ратификува Договорот од Преспа


Атина, 13 септември, 2018 - 10:50 (META) 

Портпаролот на грчката Влада и министер без ресор на Грција, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчкото радио „Реал фм“, уште еднаш го повторува ставот дека Договорот од Преспа без проблем ќе биде ратификуван во грчкиот Парламент.

– Секако дека ќе помине во парламентот. Може секој да ги изброи политичките изјави дадени до сега и да види дека постои реално мнозинство за да помине Договорот од Преспа и да биде ратификуван од грчкиот парламент. Според тоа, не постои никакво прашање, никаква причина за нас, да отвориме во овој момент предизборна дискусија, изборна дискусија или нешто такво – вели Ѕанакопулос.


Ѕанакопулос: Договорот ќе помине со широко парламентарно мнозинство


Атина, 23 август, 2018 - 13:08 (META) 

Ако политичките сили во земјата гласаат врз основа на јасни политички критериуми и идеологии, Договорот ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, вели министерот без ресор и портпарол на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за државната телевизија ЕРТ.

– Што се однесува до македонското прашање, доколку се исполнат предусловите од соседната земја, ќе дојде во грчкиот Парламент, ќе помине со доста широко парламентарно мнозинство, доколку политичките сили гласаат, не врз база на внатрешно политичките намери и цели, туку врз база на идеологии и јасни политички критериуми – рече Ѕанакопулос.

Во однос на ставот на коалицискиот партнер во Владата Панос Каменос, дека нема да гласа за Договорот од Преспа, но и дека ќе ја урне Владата, Ѕанакопулос ја повтори изјавата на лидерот на Независни Грци дека според договореното по изборите во 2015, со Алексис Ципрас ќе оди до крај на четиригодишниот мандат.


Најмалку 50 загинати и 150 повредени во пожарот во Грција


Атина, 24 јули, 2018 - 9:38 (META) 

Најмалку 50 луѓе ги загубија животите во пожари во Грција кои од вчера беснеат во најголем дел во областа Атика кај Атина. Локалните власти стравуваат дека бројката на загинати во пожарот ќе се зголеми на 60, бидејќи се уште има многу исчезнати.

Портпаролот на Владата, Димитрис Ѕанакопулос соопшти дека Атика се соочувала со многу тешка ноќ.

– Бројот на потврдени загинати, за жал, во овој момент е над 20, а повредени се повеќе од 88 возрасни лица, од кои 11 се сериозно, како и 16 деца – рече Ѕанакопулос.

Грчкиот премиер, Алексис Ципрас синоќа ја прекинал посетата на Босна и Херцеговина по што итно се врати во Атина. Градот Мати што е во непосредна близина е целосно уништен од пожарите, a рибари и крајбрежната стража спасиле околу 700 луѓе.

Според спасувачите од Црвениот крст, во двор на таверна во населбата Мати, во источниот дел на областа Атика, биле пронајдени јагленисани тела на 26 лица помеѓу кои и деца, кои биле прегрнати во неколку групи, објавуваат грчките медиуми.

Претпоставките на спасувачите се дека луѓето тргнале кон морето за да се спасат, но на 30-40 метри оддалеченост, поради големината и јачината на огнените јазици, нивните обиди биле залудни.

Грција вчера побара меѓународна помош, преку механизмот на ЕУ, позитивно одговориле Шпанија и Кипар, а помош ќе добие и од САД, по упатеното барање од министерот за одбрана.

Македонија ќе испрати два авиони за гаснење на пожарот. Утрово, пожарот иако е ставен под контрола, се уште не е целосно изгасен.


Ѕанакопулос: Договорот ќе биде ратификуван во грчкиот парламент без проблеми


Атина, 20 јуни, 2018 - 16:02 (META) 

По потпишувањето на Договорот од Преспа, Грција и ПЈРМ започнуваат нова ера на пријателство, соработка и стабилност, рече портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос, на денешниот редовен брифинг со новинарите и изрази убеденост дека Договорот ќе добие мнозинство во грчкиот парламент.

Ѕанакопулос упати остри критики до опозициската Нова демократија за ставот што го зазема во однос на договорот. Но и уште еднаш истакна дека опозициските партии во двете земји имаат идентични позиции, „играат на картата поделба меѓу наводни патриоти и наводни предавници“.

– Опозициите и од двете страни, договорот го сметаат за предавство. Од една страна Мицотакис ни вели дека оној што изврши предавство е господинот Ципрас, од друга страна ВМРО-ДПМНЕ вели дека Заев е националниот предавник. На крај кој е предавник? Никој не е национален предавник. Едноставно говориме за двајца лидери и две влади кои прв пат се движеа во насока на вредностите на соработката, на пријателството, на солидарност и на заеднички развој на Балканот и затоа решија еден спор што трае 26 години – рече Ѕанакопулос.

Ѕанакопулос изрази убеденост дека ратификацијата во грчкиот парламент ќе помине без проблеми, а доколку е потребно, владата потоа може да побара и гласање доверба.

– Договорот, верувајте ми, ќе се ратификува од грчкиот парламент со проширено, патриотско и прогресивно мнозинство и доколку во продолжение е потребно, верувајте ми, грчката влада одново ќе добие глас за доверба за да го заокружи четиригодишниот мандат – објасни портпаролот на грчката влада и министер без ресор.

Портпаролот на грчката влада и министер без ресор, на денешниот редовен брифинг со новинарите, категорично ги демантираше информациите дека Грција за решавањето на името добила компензација за долгот.


Двете страни оптимисти за спорот, се чека разговорот помеѓу Заев и Ципрас


Скопје, 11 јуни, 2018 - 9:51 (META) 

Премиерот Зоран Заев, министерот за надворешни работи Никола Димитров и целокупниот состав на Владата се на иста, единствена линија, цврсто определени и посветени на решавање спорови и јакнење на достоинството и идентитетот на граѓаните, вели портпаролот Миле Бошњаковски по повод шпекулациите кои се појавија викендов дека преговорите со Грција за името пропаднале.

Исто така и портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос изразува оптимизам дека македонскиот премиер ќе го направи „решителниот чекор“ и ќе се постигне договор.

– Преговорите, но и политичката одлука за решавање на спорот со името не се лесни. Господинот Заев треба да размисли за сите аспекти и да преземе голема одговорност кон неговите сонародници, нешто за што сум сигурен дека ќе го стори. Ако некои во политичкото раководство на ПЈРМ сакаат да ја поткопаат можноста за изнаоѓање решение, не е нешто што би можел да го знам. Но, оптимист сум дека на крај господинот Заев ќе го направи решителниот чекор и ќе стигнеме до договор – вели Ѕанакоппулос.

Тој додаде дека и Заев и Ципрас знаат дека решението е „неопходен предуслов за иднина на солидарност и соработка на Балканот“.

И двете страни не ја потврдуваат информацијата дека денеска се очекува телефонскиот разговор помеѓу двајцата премиери.


Ѕанакопулос: Нема да има договор без ерга омнес и уставна ревизија


Атина, 1 јуни, 2018 - 11:44 (META) 

Нема да постои договор доколку не се прифати ерга омнес и уставна ревизија, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за грчката телевизија „Епсилон“, а пренесува МИА.

Во интервјуто Ѕанакопулос објаснува дека во овој момент не постои договор и затоа избегна да навлегува во детали што се однесуваат на евентуалното решение.

– Додека не се договори се, не е договорено ништо. Така е во преговорите. Но, она што со целосна сигурност можам да го кажам е дека ерга омнес и уставна ревизија се важни, односно главни предуслови за да може да постои било каков договор со поранешната југословенска Република Македонија – рече Ѕанакопулос.

Според него, треба да се донесат конечните политички одлуки, бидејќи не станува збор за едноставен договор, туку договор со многу технички и правни, но и политички прашања, „кои секоја страна треба да ги има добро и внимателно проучено“.

Сепак во однос на јазикот, го спомена она што и шефот на грчката дипломатија го има потенцирано дека „македонскиот јазик е признаен од 1977 во Обединети нации за време на владата на Константинос Караманлис“.

Прашан за ставот на македонскиот претседател, портпаролот на грчката Влада вели дека реакцијата на Иванов, треба да се види од друг аспект.

– Се прашувам како е можно претседателот Иванов да има толку силна реакција за еден договор што во Грција некои го сметаат за договор што им штети на националните интереси. Сакам да кажам дека ако го видите ова на друг начин реакцијата на претседателот Иванов значи дека грчката Влада преговараше добро, грчката Влада се обиде да земе договор што му служи на националниот интерес – рече Ѕанакопулос.

Во однос на т.н Панмакедонски организации, односно здруженијата од грчката дијаспора кои ги организраа протестите во Солун и Атина, портпаролот на грчката влада вели дека тие функционираат на радикален начин и според него не го изразуваат ставот на мнозинството на грчкиот народ.


Ѕанакопулос: Оптимист сум дека може да стигнеме до договор


Атина, 29 мај, 2018 - 13:59 (META) 

Министрите за надворешни работи направија особено голем напредок, би можеле да кажеме дека се наоѓаме во финална линија, но никој не може да го предвиди исходот во толку сложени преговори, вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос во интервју за државната телевизија ЕРТ, а пренесува МИА.

Тој, изјавил дека „и покрај тоа, и понатаму е голем оптимист и ги очекува следните потези и следната фаза од преговорите“.

– Се надеваме и оптимисти сме дека ќе успееме да го постигнеме договорот на кој работиме веќе толку долго време. Сепак, сакам да сме трпеливи, треба да бидеме трпеливи. И токму тоа го правиме. Не е важно да имаме договор, важно да имаме добар договор – рече Ѕанакопулос.

Во однос на шпекулациите во медиумите дека на преговарачката маса се наоѓа и ново име Ѕанакопулос индиректно ги демантираше овие информации, велејќи дека разговорите се водат врз база на предлозите на Нимиц и „таа е рамката што постои за време на преговорите“.

 


Најдобро е името да произлезе од предлозите на Нимиц, вели Ѕанакопулос


Атина, 21 мај, 2018 - 14:44 (META) 

Грчката страна инсистира на тоа дека најдобро решение е избор на едно име од оние што ги достави медијаторот Нимиц во неговите предлози, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор Димитрос Ѕанакопулос, во интервју за грчкото радио „Реал фм“.

Ѕанакопулос го поздравил прифаќањето на ерга омнес, споменувајќи го како позитивна разврска и позитивен чекор од средбата на двајцата премиери.

-Што се однесува на името, не сме стигнати до таму. Секако постојат предлози што биле ставени на маса, но, сепак, грчката страна инсистира на тоа дека најдобро решение е избор на едно име од оние што ги достави медијаторот Нимиц во неговите предлози. Но, не сме стигнати до таму, треба да поминеме уште пат за да можеме да говориме за конечен договор, вели Ѕанакопулос во интервјуто и додава дека секако дека се разговара и „за предлозите на нашите соседи, но, сепак, преговорите функционираат во една конкретна рамка и добро е да се држиме до таа“.

– Ние го поздравуваме прифаќањето ерга омнес од соседите, одговорно ги продолжуваме преговорите, нешто што не гледам дека го дели и го прави опозицијата и говорам за опозицијата речиси во целост, додаде портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, упатувајќи критики до Нова демократија дека нема расположение да функционира конструктивно.