Светската финансиска елита в петок доаѓа во Скопје на конференција чиј домаќин е НБМ


Скопје, 12 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Народната банка ќе биде домаќин на Меѓународната конференција на високо ниво за монетарна политика и управување со финансиски средства, на тема „Глобалната економска експанзија, динамиката на инфлацијата, финансиската стабилност и значењето за управувањето со финансиски средства во меѓународни рамки“, која ќе се одржи в петок, на 16 февруари во хотелот „Мериот“.

На конференцијата ќе учествуваат заменик на извршниот директор на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) Тао Џанг, членот на извршниот одбор на Европската централна банка (ЕЦБ) Беноа Куере, и Луиз Авазу Переира да Силва, заменик главен директор на Банката за меѓународни порамнувања (БИС).

Значајно за Конференцијата е учеството на претставници од најголемата финансиска корпорација за управување со финансиски средства во светот, „Блек Рок“ и од една од најзначајните глобални банки, „УБС“ (UBS).

„За првпат во Македонија на едно место ќе учествуваат високи претставници на меѓународните финансиски институции, централните банки и глобалните деловни банки, чии што политики и пазарни реакции имаат глобално влијание. Домашната стручна јавност добива ретка можност на едно место да ги слушне ставовите и излагањата на високите претставници на меѓународно значајните финансиски институции и глобалните деловни банки за актуелните економски прашања и предизвиците за наредниот период“, информираат од Народна банка.

Панелисти на конференцијата се и вицегувернерот на Развојната банка при Советот на Европа (СЕБ), како и високи претставници и директори од Светската банка (СБ), Европската инвестициска банка (ЕИБ), Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) и реномирани професори.

Потврдено е присуството на гувернери, вицегувернери и членови на советите на централните банки на Словачка, Латвија, Ерменија, Босна и Херцеговина, Косово, Албанија, Бугарија, како и високи претставници на централните банки на Белгија, Италија, Унгарија, Полска, Хрватска, Црна Гора, Грузија и Азербејџан.

Исто така, на Конференцијата ќе присуствуваат претставници од 15 европски и азиски глобални банки со кои Народната банка има развиено и одржува добра деловна соработка во процесот на управување и инвестирање на девизните резерви на Република Македонија.

Конференцијата е организирана во соработка со „Комитетот за преобразување на Бретон Вудс“ (The Reinventing Bretton Woods Committee – RBWC) од Париз, Франција.


Богов: Македонската економија подготвена за поголеми светски финансиски потреси


Скопје, 12 февруари, 2018 - 13:50 (META) 

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, очекува намалување на буџетскиот дефицит, стабилизирање на јавниот долг и економијата во следниот период подготвено да ги дочека евентуалните турбуленции на светскиот пазар.

– Со искористувањето на поволниот амбиент за издавање на еврообврзницата се обезбедија финансиски средства до средината на следната година и на тој начин ќе се избегне периодот на нестабилност. Изминатите десет години работевме на зајакнување на инфраструктурата на банките и на финансискиот сектор – изјави Богов.

Според него, фактот што Европската централна банка (ЕЦБ) нема да ја зголеми референтната каматна стапка уверува дека ниту Народната банка нема да ја зголеми оваа стапка.

– Водиме сметка за случувањата во платниот биланс, фискалната политика и другите случувања во економијата и во зависност од ризиците ќе се знае дали оваа стапка ќе се намали, зголеми или ќе остане иста – додаде Богов.

Тој објасни дека светските финансиски пазари се пред нови предизвици поради нестабилната монетарна политика. Според Богов, Американската централна банка (ФЕД) и Европската централна банка (ЕЦБ), минатите години вбризгале огромно количество пари, за да се избегнат импликациите од светската економска криза.

Но, со стабилизирање на светската економија и со нејзиниот пораст во последните две години, најавеното повлекување на тие средства предизвикало реакција на светските финансиски пазари, како што беше падот на американската берза. А, токму ова е предизвикот со кој ќе се соочува светската економија следните години, смета Богов.


Тевдовски: Жалам што утре во Собранието опозицијата нема да дебатира за буџетот


Скопје, 21 декември, 2017 - 14:46 (META) 

Жалaм што опозицијата нема да учествува во дебатата за буџетот и да дава критики и коментари за најважниот документ за државата, одговори министерот за финансии, Драган Тевдовски на новинарско прашање во Министерство за финансии, каде што се одржа седница на Советот за развој на македонскиот пазар на капитал.

Пленарната седница на која ќе се расправа за предлог-буџетот за 2018 година, е закажана за утре во 11 часот.

Денеска во Министерство за финансии, за првпат се одржа седница на Советот за развој на македонскиот пазар на капитал, а Тевдовски најави нова законска регулатива идната година за пазарот на хартии од вредност, која ќе создаде услови за развој на нови производи и услуги на финансискиот пазар во Македонија.

– Ако пазарот на капитал е добро организиран, тоа позитивно ќе влијае на одлуките на потенцијалните домашни и странски инвеститори да вложуваат во домашната економија, а добро организиран пазар е добро регулиран пазар – вели Тевдовски.

Со Советот претседава Тевдовски, а членови се гуверенерот на Народната банка, Димитар Богов, министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за економија, Крешник Бектеши, директорите на Македонската берза, Комисијата за хартии од вредност, Централниот  депозитар и Агенцијата за супервизија на осигурувањe (АСО).


Богов: Зголемувањето на акцизата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата


Скопје, 2 ноември, 2017 - 13:54 (META) 

Гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, смета дека зголемувањето на акцизата на нафтата нема да има голем директен ефект врз инфлацијата следната година.

Прашан за денешната одлука на Министерство за финансии за зголемување на акцизата на нафтата и на нафтените деривати за 3,54 денари, Богов рече дека направиле некои брзи проценки кои покажуваат дека директниот ефект нема да биде голем, а за индиректниот не можат да проценат во овие моменти.

– Сепак, остануваме на проекцијата од околу 2 проценти инфлација во 2018 година и нема да има некое позначително нарушување – додаде Богов.

Народна банка предвидува економскиот пораст за оваа година од 0,5 проценти, што е надолна проекција споредено со таа од април оваа година, кога се предвидуваше пораст од 2,5 отсто.

Гувернерот Димитар Богов објасни дека ова се должи на негативните резултати од првиот квартал, но и на продолжување на трендот заклучно со третиот квартал, односно на падот на индустриското производство и на градежништвото.

Тој очекува дека четвртиот квартал ќе биде со подобри економски показатели и ќе извлече пораст на економијата од 0,5 проценти.

– За следната година се очекува стабилен амбиент и исцрпени ефекти од домашната политичка криза. Се очекува подобрување на надворешното опкружување, што ќе се услови зголемување на извозот, забрзување на инвестициите во инфраструктурата и зголемување на странските инвестиции, како и зголемена доверба на домашните субјекти – рече Богов.

Тој предвидува дека со зголемувањето на довербата кај домашните субјекти, ќе се зголеми и личната потрошувачка.

– Стабилниот домашен амбиент покажува потенцијал за солиден економски пораст, стабилни цени и солиден депозитен и кредитен пораст – додаде Богов.


Богов: Би бил среќен ако годината ја завршиме со позитивен економски пораст


Сараево, 24 септември, 2017 - 12:37 (META) 

Продолжената политичка криза ѝ нанесе сериозни штети на економијата и по падот во првата половина од годината, тешко дека ќе постигнеме никаков пораст оваа година, изјавил гувернерот на Народната банка на Македонија, Димитар Богов, во интервју за „Ројтерс“ на маргините на Конференцијата на гувернерите на централните банки одржана во Сараево.

Тој додаде дека предвидувањата на НБРМ од април за економски пораст од 2,5 проценти биле премногу оптимистички, бидејќи политичката криза предизвикала поголем пад отколку што првично сметале.

Имајќи предвид дека во првата половина од годината домашниот бруто-производ (БДП) забележал пад од 0,9 отсто, Богов посочи дека „би бил среќен ако оваа година ја завршиме со позитивен економски пораст“.


Богов: Жалам ако впечатокот бил дека како гувернер не сум бил доволно јасен и гласен


Скопје, 20 јуни, 2017 - 16:25 (META) 

„Доколку се стабилизираат политичката состојба и неизвесноста околу евроинтеграциите, во наредните две години може да дојде до значајно раздвижување на економијата во однос на инвестициите и граѓаните ќе можат да го почувствуваат бенефитот од нив“, рече гувернерот Димитар Богов пред членовите на Комисија за финансирање и буџет која денеска го разгледуваше годишниот извештај на работењето на Народна банка.

Пратениците на Богов му забележаа дека Народната банка, како институција, можела да даде многу поголем придонес за решавање на одредени кризни ситуации во економијата.

– Со Вашето однесување и со Вашата недоволна гласност кон одредени економски појави, придонесовте да има уште многу помали шпекулации од таа со девалвацијата на денарот. Поради нејасноста на долгот, беа одвраќани инвеститори. Требаше јасно да кажете колкаво е нивото на задолженост на земјата. Каде беше и Вашиот коментар за еврообврзницата? – забележа претникот на СДСМ, Сашо Поцков.

Богов одговори дека жали што е таков впечатокот и дека како гувернер, секогаш настапувал независно и транспарентно.

– За дејствувањето изминатите две години, НБРМ прва кажа дека политичката нестабилност ќе има последици за економскиот пораст. Секогаш сме ги кажувале јасно работите, а јас сум можеби единствениот гувернер кој зборувал за фискалната политика – рече Богов.

Во однос на еврообврзницата, тој кажа дека не ја издава гувернерот, туку се издава со владина одлука. За неговото присуство на т.н. „роуд-шоуа“, рече дека таму бил за да даде попрецизни информации кои инвеститорите ги бараат за државата.

– Инвестициите во последните години го зголемија процентот на извоз. Педесет отсто од извозот се должи токму на овие инвестиции – појасни Богов.

На првата седница на Комисијата за финансирање и буџет, се разгледуваше и извештајот за работењето на Државниот завод за ревизија во 2016 година.


СДСМ: Богов ги потврди катастрофалните економски политики на ВМРО-ДПМНЕ


Скопје, 25 мај, 2017 - 17:51 (META) 

„Денеска, дури и гувернерот на Народна банка, Димитар Богов кој во досегашниот мандат молчеливо се однесуваше кон политиките на владите предводени од ВМРО-ДПМНЕ, со ревидирањето на стапката на економски пораст на 2,5 проценти ги потврди катастрофалните економски пoтези на досегашната власт кои што ја уништуваат економијата“, се вели во соопштението на СДСМ по повод намалување на проекцијата за економски пораст од 3,5 на 2,5 проценти од страна на НБРМ.

Од СДСМ велат дека „новите економски политики на реформската влада ќе започнат да се спроведуваат набргу.“

„Преку низа мерки, меѓу кои зголемување на минималната плата и преку поддршка на стопанството, ќе започне заздравувањето на уништената економија. Политичката криза во Македонија завршува, граѓаните набргу ќе добијат нова и одговорна влада која што ќе спроведува одговорни економски политики кои ќе придонесат кон економски пораст од кој бенефит ќе почувствуваат сите и граѓаните, и стопанството“, се додава во соопштението.


Финансиското описменување на младите ќе се врши и во училиштата


Скопје, 12 јануари, 2017 - 10:20 (META) 

Гувернерот Димитар Богов и директорката на Бирото за развој на образованието, Весна Хорватовиќ, потпишаа меморандум за соработка во областа на финансиската писменост и во други области во образованието.

– Двете институции ќе остварат соработка на полето на финансиската едукација преку подготвување политики, спроведување истражувања и анализи, преземање заеднички активности за подигнување на јавната свест и за промоција на финансиската едукација и писменост, и за размена на релевантна експертиза – се вели во соопштението на Народна банка.

Институциите ќе вршат консултации за стратегиски прашања на национално и на меѓународно ниво, ќе подготвуваат наставен и прирачен материјал за основните и за средните училишта од областа на финансиската писменост и ќе организираат обуки и други едукативни активности со кои ќе бидат опфатени наставниците и учениците.

Со овој меморандум се очекува да се зацврсти соработката помеѓу двете институции во областа на финансиската едукација, со што ќе се придонесе за зголемување на свеста кај учениците и за зајакнување на нивните финансиски знаења, а воедно ќе се придонесе и кон нивно идно полесно вклучување во современите текови на финансискиот систем.


Богов: Инвестициите потфрлија, БДП ќе се зголеми за 2,3 проценти


Скопје, 3 ноември, 2016 - 15:03 (META) 

Годинава инвестициите потфрлија, што влијаеше на проекцијата на порастот на домашниот бруто-производ на 2,3 проценти за 2016 година, изјави денеска гувернерот Димитар Богов, на презентацијата на октомвриските макроекономски проекции.

– Потфрлија сите вкупни инвестиции: јавни, приватни, странски и домашни. Општиот амбиент поради политичката криза не беше најсоодветен и влијаеше врз довербата на инвеститорите. Зголемувањето на нивото на инвестициите не е како што очекувавме при априлската проекција – информираше Богов.

Тој додаде дека сè уште постојат неповолни ризици по економијата, а се поврзани со политичката криза, но и со надворешното опкружување.

– Порастот на БДП во 2016 година ќе биде помеѓу основното и алтернативното сценарио од априлската проекција. Постојат внатрешно-политички ризици, има пониски остварувања кај инвестициите, наспроти солидните остварувања кај личната потрошувачка и повисокиот извоз – оцени Богов.

Гувернерот на Народната банка се надева дека по изборите ќе дојде до стабилизација на состојбите на домашната политичка сцена и поради тоа развојот ќе се забрза и ќе достигне 3,5 проценти во 2017 година и 3,7 проценти во 2018 година.

Порастот на депозитите во 2016 година ќе забави и ќе се сведе на 2,6 проценти поради последиците од шокот во април и во мај, кога граѓаните повлекоа рекордни 58,5 милиони евра (3,6 милијарди денари) од банките, по што Народна банка интервенираше со 77 милиони евра на пазарот.

Во однос на објавата на јавниот долг, кој изнесува 50,6 проценти од БДП, Богов само накратко искоментира дека е потребна фискална консолидација и стабилизација на јавниот долг.


Финансиски образовано население – поефикасна економија, смета Богов


Скопје, 20 септември, 2016 - 12:23 (META) 

„Финансиското образование е од големо значење за поединците и за целото општество. Доколку поединците се финансиски описменети, тогаш можат да носат оптимални економски одлуки и ефикасно да управуваат со личните финансии. Финансиски образовано население придонесува за поефикасно функционирање на севкупната економија“, истакна денеска гувернерот на Народна банка, Димитар Богов, на промоцијата на двата едукативно-документарни филмови по повод одбележувањето на јубилејот, 70 години активности на централната банка во Македонија.

Гувернерот додаде дека изминатите седум децении, Народна банка ги исполнува своите цели, а тоа се одржување на ниска стапка на инфлација и заштита на финансискиот сектор од ризици.