!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев од Софија: Договорот за добрососедство ќе го потпишеме на Илинден во Македонија


Софија, 20 јуни, 2017 - 13:02 (META) 

Премиерот на Македонија, Зоран Заев, и неговиот домаќин, бугарскиот премиер Бојко Борисов, денеска во Софија разговарале за приближувањето на ставовите на двете земји околу договорот за добрососедство, кој како што изјавил Заев по средбата, ќе биде потпишан на 2 август, односно на празникот Илинден, кој заеднички ќе биде чествуван во Македонија, пренесува бугарската агенција БГНЕС.

– Разговаравме за приближувањето на ставовите на двете земји во врска со договорот за добрососедство, останува уште многу малку и заедно ќе го чествуваме Илинден во Македонија на 2 август. Се договоривме тогаш да го потпишеме договорот за меѓусебно разбирање. Премиерот Борисов ќе ја посети Македонија и ќе се поклони пред спомениците на нашата заедничка историја. Првпат тоа ќе го направиме денеска, кога ние ќе се поклониме пред споменикот на цар Самоил во Софија – изјавил Заев.

Македонскиот премиер истакнал дека на средбата со Борисов било договорено градоначалниците на Софија и на Скопје да именуваат по една улица по имињата на покојните претседатели на двете земји, односно во Скопје да има улица што ќе го носи името на Жељу Желев, а во Софија – на Борис Трајковски.

Заев на прес-конференцијата по средбата со Борисов, нагласил дека „нашиот прв сосед има огромна желба да ѝ помогне на Македонија за интеграцијата во НАТО и во Европската Унија и дека на состанокот било разговарано за помошта и за поддршката што Бугарија може да ѝ ја даде на Македонија во процесот на интеграциите.

– Денеска Македонија затвора едно поглавје на национализам и отвора друго на европската иднина. Ние имаме потреба од помош и од поддршка и Бугарија тоа го прави – рекол Заев.

Тој додал дека Бугарија е на врвот по искористеноста на ЕУ-фондовите и дека ова искуство на истичниот сосед ќе биде од голема корист за Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ.

– Побаравме да ни помогне со своето искуство во оваа сфера. Искуството што го има Бугарија ќе биде од голема корист за нашите перспективи, за солидарноста во европското семејство. Посакуваме да отвориме преговори со Европската Унија и сакаме да станеме членка на НАТО. Пријателска Бугарија ќе ни биде од голема помош – нагласил Заев.


Штип утре ќе го чествува Киро Глигоров


Штип, 2 мај, 2017 - 14:58 (META) 

Првпат по смртта на првиот претседател на независна Македонија, Киро Глигоров, Штип ќе го одбележи датумот на неговото раѓање. Утре, Општина Штип со видеопрезентација ќе одбележи сто години од раѓањето на Киро Глигоров. Видеопрезентацијата ќе биде своевидно сеќавање за животот и на делото на Глигоров, по што пригодна реч ќе одржи Соња Николова, доктор по историски науки, а ќе се обрати и градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.

Во последните години од својот живот, по завршувањето на вториот претседателски мандат, Киро Глигоров во Штип единствено беше канет на фестивалот на забавна музика „Макфест“. Таа практика траела сè до 2008 година, кога според сведочењето на долгогодишниот директор на фестивалот, Стојан Троицки, од Општината Штип, како покровител на фестивалот, му било забрането на Глигоров да присуствува, поради доаѓањето на новиот претседател, Ѓорге Иванов.

– Непосредно пред финалната вечер на „Макфест“, мене ми се јави Живко Кондев, шеф на кабинетот на претседателот Киро Глигоров, да ме информира дека Глигоров ќе дојде, како и секоја година, на финалната вечер. Таа информација ја проследивме до градоначалникот Зоран Алексов. Бргу се врати Кирил Панајотов (вработен во Општината) и кажа дека таа информација во Општината предизвикала голем револт, проследен со невкусни коментари. Од негова страна бев замолен да контактирам со Кондев и да го откажам доаѓањето на Глигоров. Кондев ми рече дека и покрај забраната, претседателот ќе дојде, но јас лично да го пречекам. Така и беше. Глигоров дојде и од моја страна беше сместен на неговото протоколарно место. Во меѓувреме, пристигна актуелниот претседател Ѓорге Иванов и неколку министри од владата. Го сретнав Љупчо Арнаудоски, долгогодишен член на кабинетите на нашите претседатели. Му објаснив што се случува и го прашав дали знае Иванов дека во салата веќе е и Киро Глигоров. Тој се стаписа и рече дека никој не ги информирал. Тогаш тој ме внесе кај Иванов, ме претстави и се поздравив со сите гости. Тогаш Иванов беше известен за присуството на Глигоров и при влегување во салата, културно се поздрави. Единствено Влатко Ѓорчев седна и му укажа пристојно внимание на Глигоров – пишува во своето сеќавање Стојан Троицки, основач на „Макфест“ .

Киро Глигоров (роден Киро Панчев) е роден на 3 мај 1917 година во Штип. Беше оженет со Нада Мишева од Штип, ќерка на војводата Стојан Мишев. Глигоров беше избран за претседател на Република Македонија на 27 јануари 1991 година, додека вториот мандат му заврши на 17 ноември 1999 година. Беше најстариот политичар во Македонија, но и еден од најдолговечните, откако преживеа атентат. Почина од природна смрт на 94 години, на 1 јануари 2012 година во Скопје.


Градската власт и годинава не го одбележа Денот на ослободување на Тетово 


Тетово, 19 ноември, 2016 - 14:45 (META) 

Чествувањето на празникот 19 ноември, Денот на ослободувањето на Тетово од фашистичкиот окупатор, почна со интонирање на македонската химна пред Споменикот на револуцијата во центарот на Тетово, каде бројни делегации, преставници на политички партии и повеќе здруженија положија букети цвеќиња.

Говор пред пристутните одржа престедателот на Сојузот на борци на Тетово, Стојан Петрушевски. Тој искажа разочарување што на одбележувањето на овој значаен датум, не се појави ниту еден преставник на општинските власти.

– Светлите датуми од македонската историја во Тетово секогаш ги организира Сојузот на борци од Тетово. Но, за жал, одбележувањето на ваквите датуми се во обврска на локалната самоуправа, која ниту ги одбележува ниту, пак, испраќа свои претставници на ваквите настани, како што не дојдоа и денеска на одбележувањето на 19 ноември – изјави Петрушевски.


И по една деценија бистите на народните херои во Тетово не се вратени


Тетово, 19 ноември, 2015 - 16:48 (META) 

Тетово денеска го празнуваше 19 ноември, денот кога градот се ослободи од фашистичкиот окупатор, но на чествувањето и годинава почитувачите на овој празник, не можеа да им оддадат почит на народните херои Тодор Циповски – Мерџан и Ѓоце Стојчески – Амбарче.

Спомен-бистите на двата херои, кои Општина Тетово пред 10 години ги острани поради реконструкција на градскиот плоштад, сè уште не се вратени.

Сојузот на борци од Тетово упати критика до Општината, која, според нив, нема желба повторно да ги постави овие две обележја.

– Од Општина Тетово велат дека бистите ќе бидат поставени заедно со споменици на личности од албанската историја, за кои треба да се изработи елеборат. Немаме против да се постават вакви обележја, но најпрвин треба да се постават народните херои, кои и претходно постоеле на плоштодат – вели претседателот на Сојузот на борци од Тетово, Стојан Петрушески.

Општината, очигледно, не ги почитува народните херои што се бореа против окупаторот, реагираат од Сојузот на борците бидјеќи денеска пред Споменикот на револуцијата локалната самоуправа не испрати свој преставник да присуствува на честувањето, по повод ослободување на Тетово, кој како последен град во Македонија се ослободи од прангите на фашизмот.

– Општина Тетово треба да биде носител на вакви празнувања, а сега гледаме дека тука нема ниту еден нивни преставник, кој би им оддал почит на жртвите што го дадоа својот живот за слободна Македонија – додаде Петрушевски.

Од локалната самоуправа не добивме одговор на прашањето до каде е изработката на елаборатот со новите споменици, кои според општинската најава, би се поставиле во центарот на Тетово, заедно со тие на двата народни херои.

З.Д.


Прилеп без државни знамиња за Илинден


Прилеп, 2 август, 2015 - 17:28 (META) 

Прилеп на Илинден осамна без истакнати државни знамиња. Локалната власт, според фотографиите што ги испратија жители на градот, не поставила ниту едно знаме за државниот празник на Република Македонија, 2 Август.

Делагација на локалната самоуправа предводена од претседателот на Советот на Општина Прилеп, Никола Димески, претставници од политичките партии, Здружението на борци од Прилеп и група граѓани им одадоа почит илиденците и на учесниците во антифашистичката борба и на Првото заседание на АСНОМ.

Тие положија свежо цвеќе пред бистите на Методија Андонов – Ченто, Кузман Јосифоски – Питу, Ѓорче Петров, Пере Тошев и на Могилата на непобедените.

Делегација од Прилеп присуствуваше и на чествувањето на Денот на Републиката во Крушево.

Б.Б.