Нова едиција на „Бајки од Македонија“ која содржи уште 48 нови приказни


Скопје, 18 мај, 2018 - 14:38 (META) 

Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ „Браво Сине!“ и издавачката куќа „Арс ламина“ најавија нова едиција на „Бајки од Македонија“.

Книгата „Бајки од Македонија за цела година” содржи 52 бајки од народното творештво, во прилагодена јазична форма и со модерни илустрации. Проектот треба да ги приближи новите генерации кон културното наследство од овој простор.

Во новата едиција „Бајки од Македонија за цела година“, покрај четирите веќе промовирани бајки од Македонија, ќе се најдат уште 48 нови приказни меѓу кои: „Силјан штркот“, „Цане и ламјата“, „Змејот од Пелистер“, „Принцезата војник“, „Принцезата Ѕвезда и лошата царица“, „Тројцата царски синови и трите јаболкници“ итн.

Бајките се избор од собраните народни приказни од Марко Цепенков, Стефан Верковиќ и Танас Вражиновски.

„Поврзувајќи го традиционалното богатство во нова естетика и соодветна форма, од заборавените приказни и бајки веќе направивме препознатлив производ – „Бајки од Македонија“. Убаво е да се види како најмладите веќе ги знаат своите омилени ликови токму од нашето поднебје. Досегашниот успех не поттикнува да продолжиме понатаму со проектите од јавен интерес“, изјави Ангелка Пеева Лауренчиќ, член на Управинот одбор на Движењето за поддршка на креативноста Иво Лауренчиќ – „Браво сине!“.

„Бајки од Македонија за цела година” ќе биде промовирана кон крајот на годината. Едицијата „Бајки од Македонија“ е преведена на неколку светски јазици, а објавено е и издание со Брајово писмо.


Едицијата „Бајки од Македонија“ преведена и на англиски јазик 


Скопје, 3 ноември, 2016 - 12:39 (META) 

По големиот успех на домашниот пазар, едицијата „Бајки од Македонија“ станува достапна и за светската читателска публика, во превод на англиски јазик.

Англискиот превод на едицијата „Бајки од Македонија“ беше претставен и на еден од најголемите светски саеми на книгата, саемот во Франкфурт, пред издавачи од целиот свет.

Бројни издавачи од балканските земји, Средна Европа, Исланд и Азија – Малезија, Тајланд, Кина, Јапонија, Кореја и од Тајван покажале интерес за пласман и за промоција на овие бајки.

Едицијата „Бајки од Македонија“ е составена од четири бајки од македонското народно творештво – „Вејко Северко“, „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“ и „Девојчето и дванаесетте месеци“.

Креативните решенија и илустрациите за четирите приказни ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, која беше избрана на јавен конкурс.

Проектот „Бајки од Македонија“ е реализиран од Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ – Браво сине“, во соработка со издавачката куќа „Арс Ламина“, која беше учесник на саемот на книгата во Франкфурт.