!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Општина Прилеп го осуди оштетувањето на споменикот на Александар Македонски


Прилеп, 4 ноември, 2017 - 18:01 (META) 

Непознати сторители синоќа го оштетиле споменикот на Александар Македонски во центарот на Прилеп со кршење на копјето. Oпштина Прилеп го осуди инцидентот.

„Општина Прилеп најостро го осудува вандалскиот чин со кој синоќа непознати сторители го оштетиле споменикот на Александар Македонски, кој е поставен во центарот на градот, на плоштадот Александрија, кршејќи го неговото копје. Случајот ќе биде пријавен во Полициската станица Прилеп и очекуваме надлежните органи во најкус можен рок да ги пронајдат сторителите. Исто така сакаме да истакнеме дека споменикот ќе биде саниран во многу краток период“, се вели во соопштението од Општина Прилеп.

 


Павлопулос: Ветото за членство на Македонија во ЕУ не е грчка, туку европска позиција


Атина, 4 декември, 2016 - 11:46 (META) 

Македонија мора да знае дека за да стане дел од европското семејство не смее да покажува иредентистички ставови кон друга држава, порачува грчкиот претседател Прокопис Павлопулос. Во интервју за грчката државна телевизија ЕРТ, Павлопулос отворено посочи дека Грција има право на вето за нашето ЕУ-членство доколку македонската влада продолжи да го прекршува европското право преку иредентизам кон Грција, а скулптурите од проектот „Скопје 2014“ и целата приказна околу тоа ги нарече смешни.

– ФИРОМ сака да влезе во Европската Унија во некој момент. Зарем не знаат дека европското право ја обврзува секоја држава која ќе стане членка на европското семејство да нема иредентистички ставови кон друга затоа што тогаш го прекршува европското право – вели Павлопулос.

Според грчкиот претседател оправдани се неговите закани за вето за Македонија, бидејќи се работи за реакција на неисполнување на европските правила и право.

– Ветото, многумина ме прашуваат зошто велиш вето и им одговарам дека ова вето е вето на европска држава, која исто така ќе биде повикана да одлучи дали ќе треба Скопје да влезат во Европската Унија. Ветото е затоа што не го исполнува европското право и тоа не е грчка позиција, туку е европска. Ние им велиме дека сè додека го следите овој пат не може да имате европска перспектива – вели Павлопулос во интервјуто.

Грчкиот претседател останува на ставот дека Македонија е грчка и Грција ќе продолжи и понатаму да ја штити својата историја, без отстапки. Осврнувајќи се на историјата, во интервјуто коментира дека приказната со „Скопје 2014“ е карикатура и вели дека целиот проект со скулптурите не ја загрижува Грција.

– Луѓето ја губат секоја трошка на сериозност. Грција ја штити својата историја и историјата сама ги кажува работите како што се. Некој да ми каже дека Филип или Александар Велики имале врска со Словените… Јас не го потценувам придонесот на Словените во европската култура, но тие се дојдени многу подоцна. Ниту Филип, ниту Александар Велики имаат некаква врска со Словените – посочува грчкиот претседател.


Иванов: И Исус и Мухамед да се јават сега во Македонија – ќе ги убијат


Сараево, 29 мај, 2016 - 20:15 (META) 

Модераторот на панелот на денешниот самит на процесот „Брдо-Бриони“ во Сараево му поставил прашање на претседателот Ѓорге Иванов „Како Александар Македонски денеска би се снашол во бизнисот во Македонија,“ на што тој одговори дека ќе ја промени приказната и ќе одговори дека „и Исус Христос да се јави ќе го убијат“.

– Исто важи и за Мухамед. И тој да се јави ќе го убијат. Не е неопходна сила, туку ум. Умот војува. Александар Македонски бил тоа што бил затоа што имал учител кој се викал Александар (овде Иванов прави лапсус, и веројатно мисли на Аристоттел), кој го научил се, да биде трпелив, да се учи од другиот, да го искористите моментот и да бидете подготвен на жртви – одговори Иванов на прашањето на модераторот.

Говорејќи за односот на Европската Унија кон Македонија, Иванов истакнал и дека „стоиме во место бидејќи судбина ни било да имаме сосед со кој не може да излезе на крај ниту цела Европска Унија, ниту целиот свет. Се вика Грција.“

– А сакаат ние со нив да излеземе на крај, да најдеме решение за нешто што е наш идентитет и наша посебност, да менуваме име, идентитет, јазик, топоним. Кој ќе каже дека „Т’ га за југ“ не е македонски бренд, кој ќе каже дека музика од Македонија не е македонска музика, дека ајварот не е македонски продукт. Сакате сето тоа да ни го земете. Не го даваме – истакнал Иванов.

 


Амфиполис – споменик за Ифестион


Атина, 1 октомври, 2015 - 9:16 (META) 

Грчките археолози ја разрешија загатката на Амфиполис. Анализите на археолошките артефакти и плочи покажале дека не се работи за кралска гробница, туку за посебен меморијален споменик изграден во чест на Ифестион, блискиот пријател на Александар Македонски, по наредба на самиот антички војсководец.

Археологот Катерина Перистери, која го водеше процесот на ископување и на анализа на пронајдоците од Амфиполис, на презентација на Универзитетот „Аристотел“ во Солун посочи дека се работи за споменик кој бил нарачан и исплатен од самиот Александар Македонски.

На почетокот грчките археолози се сомневаа дека поради грандиозноста на локалитетот во близина на Серес можно е да се работи за гробницата на Роксана и на Александар Четврти, сопругата и синот на Александар Македонски.

На плочите најдени на три архитектонски зданија во локалитетот се воочени написи кои наликуваат на договор за изградба на споменик на Ифестион од Антигон Едноокиот, воин во војската на Александар Велики и основач на династијата Антигониди.
Перистери тврди дека Александар ја финансирал изградбата и поставување на споменикот за Ифестион.


Споменикот на Александар во Штип бил исправен, покажала контролата


Штип, 11 ноември, 2014 - 13:55 (META) 

Вчерашниот инцидент, кога врз 12-годишно дете падна тешка мермерна плоча од постаментот на споменикот на Алексаднар Македонски на плоштадот во Штип, го отвори прашањето кој треба да се грижи за одржувањето на спомениците. По поминатата ноќ на хируршкото одделение, детето претпладнето е пуштено на домашно лекување. Констатирани му се полесни повреди.

Споменикот е висок пет и половина метри. Според информацијата од Општината, обврска на адиминистрацијата е еднаш годишно да се врши проверка на состојбата на спомениците. Овој, на Александар Македонски, е проверен на почетокот од годината. Било констатирано дека е во добра состојба.

– Во 2012 година, со реконструкцијата на плоштадот, избраниот изведувач на работите, компанијата „Бетон“ од Штип, го премести споменикот од средината на плоштадот кон еден од надворешните агли. Надзорот на работите тогаш немал забелешка на изведбата – велат од Општината.

По вчерашниот инцидент, Општина Штип ја задолжила истата компанија, „Бетон“, да ја прицврсти падната мермерна плоча и да го обезбеди споменикот.

Споменикот на Александар Македонски го следеа неколку контроверзии од моментот на поставувањето. На почетокот, пред осум години, обележјето беше поставено на диво, па подоцна општинскиот Совет, со одлука, го легализираше. Поставувањето на споменици во државата тогаш не беше модерно, па имаше дилеми околу заземањето на просторот на, и онака, не многу пространиот штипски плоштад. Следуваше дислокација на споменикот пред две години и, конечно, Александар Македонски заврши на ќошот од стеснетиот плоштад.

В.К.


Мермер од споменик на Александар Македонски падна и повреди дете во Штип


Штип, 10 ноември, 2014 - 15:01 (META) 

Полуметарска мермерна плоча од споменикот на Александар Македонски на плоштадот во Штип, денеска по 14 часот паднала врз 12-годишно дете.

Според првичните податоци, по завршувањето на наставата, група деца од основното училиште „Ванчо Прке“, на враќање дома, застанале да се сликаат до споменикот, при што една од мермерните плочи од постаментот паднала врз едно дете. Веднаш реагирале од групата, сопреле такси-возило и го пренеле повреденото дете во болница. Оттаму го потврдија случајот. Детето е примено со помало крварење на лицето и со болки во градниот кош. Испратено е на дополнително испитување.

Споменикот на Александар Македонски е поставен пред десетина години, како донација на локален бизнисмен.

Минатата година, при реконструкција на плоштадот, споменикот беше дислоциран во еден од аглите на плоштадот.

В.К.