Спасовски: Следниот период ќе се избере моделот по кој ќе се реформира УБК

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска на прес-конференција најави дека во следниот период ќе се избере моделот, по кој ќе се одвива реформата на УБК.

– На седница на Влада денеска ќе поднесам информација, со која ќе ги образложам причините за ваквата реформа. Предвидено е МВР да одржи повеќе консултации и дебати со релеванти чинители, по што ќе биде избран најсоодветниот модел. Овој процес ќе го води работна група, која ќе се формира од надлежните државни институции, но и со претставници од академската област и граѓанското општество – појасни Спасовски.

По завршувањето на консултациите заклучоците ќе бидат проследени до Владата со соодветен акционен план.

– Целта е добиеме служба која ќе се темели на високи професионални стандарди, почитување на етички кодекс и современи методи на работа и дејствување, служба која ќе биде заштитена од негативни политички влијанија и нејзина единствена задача и должност ќе биде да ги штити безбедноста и сигурноста на граѓаните – истакна Спасовски.

Тој потсети дека злоупотребата на безбедносно-разузнавачките служби, особено на УБК предизвика сериозна политичка криза во земјава и го наруши угледот на демократијата. Во рамки на проектот изработен со ДИКАФ направена е анализа на оваа реформа, за која, како што истакна, постојат три модели.

– Ќе ги разгледаме во периодот на консултации, ќе разговараме со новинарите, дипломатскиот кор, академскиот сектор и на крај ќе одлучиме. Сакаме да ги видиме предностите и слабостите на секој од нив – додаде тој.

Директорот на УБК, Горан Николовски изрази уверување дека на крајот од консултативниот процес ќе се постигне успех и ќе се одбере модел, кој ќе гарантира професионална и департизирана служба, кој ќе гарантира трансапрентност и ќе успее да ги заштити интересите на државата и ќе работи во интерес на граѓаните.

Спасовски посети дека реформите на системот на следење на комуникации од кои произлезе формирањето на ОТА, како дел од посеопфатната задача за реформирање на безбедносно-раузнавачкиот систем успешно се спроведуваат. Додаде дека се преземаат сите оперативни и логистички активности и согласно Законот за следење на комуникации ќе почне со работа не подоцна од 1 ноември оваа година.