СДСМ на Управен суд ја оспори одлуката за формирање на комисијата за импичмент на Иванов

СДСМ денеска поднесе тужба до Управниот суд со која ја оспори одлуката за формирање на Kомисија за импичмент на претседателот Ѓорге Иванов. Како што велат од партијата при формирањето на Комисијата за одговорност на Иванов, тие побарале од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски да обезбеди спроведување на деловникот, но тој не сторил ништо.

– Со оглед на тоа што Трајко Вељаноски не презема ништо за заштита на Деловникот на Собранието, СДСМ денеска поднесе тужба до Управниот суд. Со тужбата се оспорува одлуката за формирање на Комисија за импичмент заради тоа што е спротивна на член 206 став 2 од Деловникот на Собранието на Република Македонија. Одредбата од членот 206 став 2 од Деловникот предвидува: Комисијата за импичмент има претседател и десет члена кои, на предлог на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, ги избира Собранието, при што се обезбедува соодветна застапеност од пратеничките групи и пратеници кои не се организирани во пратенички групи – вели Дескоска.

Таа додава дека сега судиите на Управниот суд ја имаат одговорноста дали ќе продолжат да бидат извршители на наредбите на Груевски или си ја вршат функцијата заради која се избрани – да го спроведуваат правото и да придонесат за враќање на правната држава во Македонија.