!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

СДСМ: МО да каже дали со пари од граѓаните Јолевски бил во САД


       
Скопје, 17 февруари, 2017 - 14:16 (META) 

Министерството за одбрана е должно да каже дали со пари на граѓаните е платена посетата на Зоран Јолевски на САД, порача денеска СДСМ.

Оттаму потсетуваат дека Јолевски за време на посетата на САД имал средба со американскиот конгресмен Дана Рорабакер, кој потоа ја даде контроверзната изјава за распад и поделба на Македонија!

„Ако според официјалните информации, посетата на Јолевски на САД била и приватна и службена, тогаш кој ги платил трошоците за таквите посети, се вели во партиското соопштение од СДСМ. Министерството за одбрана го избегна одговорот на ова прашање. Дали тоа значи дека признава дека посочената посета на Јолевски на САД е платена со пари од граѓаните?! Приватниот дел на посетата на министерот за одбрана Јолевски упатува дека тој од позиција на министер лобирал и за партиски интереси. Не смее пари од Буџетот да се користат за партиски активности!“, стои во соопштението од СДСМ.

Од СДСМ велат дека ако посетата на Јолевски е платена со пари од граѓаните, тогаш Министерството за одбрана е должно да каже и со кој друг се сретнал министерот.

„Дали тоа биле приватни или службени средби? Дали јавноста во Македонија треба да очекува нови контроверзни изјави како резултат на посетата и средбите на Јолевски? Преклопувањето на државни со приватни агенди, како оваа, е уште еден пример на партизацијата на државните институции во десетгодишното несовесно владеење на ВМРО-ДПМНЕ, за што ќе има одговорност“, порача СДСМ.