Рот: Не ставајте црвени линии, седнете и решете го спорот за името

Македонија и Грција да не поставуваат црвени линии и да направат се за да го решат спорот за името, порача државниот министер за Европа во германското министерство за надворешни работи, Михаел Рот, на дебата во Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Берлин.

– Мошне сум задоволен од гестовите во рамки на мерките за градење доверба кон земјата, за која сум особено загрижен, Грција. Спорот, кој еднаш го нареков провокативен и кој освен Атина и Скопје, никој не го разбира, мора да се реши. И сторивте многу, нешто што не успеаја да го направат претходните влади. И ве молам ова што ќе ви го кажам не сакам да звучи шокантно. Согласно моето досегашно ограничено политичко искуство ви велам: Не ставајте црвени линии! Седнете заедно и разговарајте – рече Рот, на дебата на тема „Од предизвици до перспективи: Демократските реформи и eвро-атлантска интеграција на Република Македонија“.

Инаку, главен говорник на дебата беше македонскиот премиер Зоран Заев, а на неа учествуваше и претседателот на Фондацијата, Курт Бек.

Рот предупреди дека постои можност за затворање на „прозорецот на можности, кој во моментот е отворен“.

– Обединетите нации се способни за водење на овој процес, со вашата конструктивна поддршка и со поддршката на грчката влада за успешна интеграција. Сега прозорецот на можностите е отворен, но наскоро ќе се затвори – рече Рот, додавајќи оти германската влада е подготвена да помогне дококу тоа е потребно.