Путин ќе ја посети Србија во јануари

Претседателот на Русија, Владимир Путин изразил желба да ја посети Србија во јануари, му пренел рускиот амбасадор во Белград, Александар Чепурин на српскиот претседател Александар Вучиќ, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Како што соопштиле од кабинетот на српскиот претседател, било договорено, подготовките за доаѓање на Путин во Белград да почнат веднаш, „за посетата да го потврди традиционалното пријателство на двете земји и братството на двата народа“.

Вучиќ на почетокот на октомври разговарал со Путин во Москва, кој, според пишувањата на руските медиуми не добил одобрување за признавање на Косово, што, како што наведуваат медиумите, подразбира одвојување на северот на Косово.

Од друга страна, претседателот на надворешно-политичкиот одбор на Горниот дом на рускиот парламент, Константин Косачов кој престојувал во Белград, изјавил дека Русија ќе го поддржи секое решение за Косово кое го поддржува српскиот народ, а кој е во согласност со Уставот и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.