Полицијата пронајде 42 килограми марихуана во Струга

При координирана акција на криминалистичката полиција од Струга и од Охрид, пронајдени се околу 42 килограми зелена тревкаста материја во патнички автомобил.

Од СВР Охрид информираат дека акцијата била реализирана околу 22 часот, во близина на еден хотел на улицата Димче Ковачески во Струга.

– Полициските инспектори заедно со полициски службеници од полициската станица во Струга, извршија запирање на патничко моторно возило „мини купер“ со струшки регистарски ознаки, управувано од Ф.И. (31) од струшкото село Калишта. При извршен преглед во возилото, забележани се пет вреќи со тревкаста материја, завиткана во повеќе јутени и платнени пакувања. Дополнително, во предната лева врата од автомобилот, пронајдена е едно мало најлонско пакување со бела прашкаста материја – информираат од СВР Охрид.

Оттаму велат дека при извршен претрес во домот на Ф.И. во селото Калишта, пронајдени се две црни најлонски кеси со траги од тревкаста материја.

Пронајдените предмети се одземени и предадени на вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје, по што ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.