Патот до Драгоево и до Селце четврти ден непрооден

Жителите на двете штипски села Драгоево и Селце веќе четврти ден се завеани од снегот, кој на места, поради наносите, е со висина до еден метар. На помош е повикана механизацијата на „Македонија пат“, која денеска го расчистува патот. Се очекува до крајот на денот селата да бидат пристапни.

Во делови околу Штип има наноси од снег високи и до четири метри. Ветерот кој почна да дува по престанувањето на снежните врнежи, и понатаму прави проблем на сообраќајот. Дотраената механизација е дополнителен проблем.

Одговорниот за надзор во „Македонија пат“, Мите Митков, вели дека Штип и Свети Николе биле најпогодени од првиот снежен бран.

– Да не беше ветерот на територија на Штип и на Свети Николе, патиштата ќе беа целосно расчистени – изјави Митков.

Снежното време ги наполни болниците и лекарските ординации. Повеќе од 1.050 заболени од грип се регистрирани во Штип, а седум пациенти се хоспитализирани со скршеници. Најлошо на снегот поминале делчевци. Со скршеници на раце или нозе завршиле 15 жители на Делчево.