Офанзивна изградба: 270 милиони евра за 800 километри на 60 патни правци


       
Скопје, 28 март, 2018 - 16:07 (META) 

Премиерот Зоран Заев најави дека за оваа година се обезбедени 270 милиони евра за изградба на нови патни правци, за комплетирање на започнатите инфраструктурни проекти и автопати како и за реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на регионални патишта

Тој додаде дека дел од овие средства, наменети за 60 патни правци во должина околу 800 километри, се обезбедени од буџетот и средства на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП), а дел се заеми од Светска банка, Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и ИПА2.

29541827_1739350552790795_2417357738823505708_n

– Со околу 20 милиони евра, буџетски средства и средства на ЈПДП ќе се работи на рехабилитација на регионални патишта во должина од 230 км. Оваа година ги комплетираме автопатите Демир Капија – Смоквица и Миладиновци – Штип. Во текот на месец април започнуваме со изградба на два нови експресни патни правци, Градско – Дреново и Штип-Радовиш. Во тек е изградба и на експресен пат Чатал (Страцин) – Длабочица – Крива Паланка. Со 86 милиони евра средства обезбедени од Европската банка за обнова и развој се планира рехабилитација на 26 патни правци во должина од 422 км. Во текот на месец јуни започнува рехабилитацијата на 7 патни правци. Со 14 милиони евра од Светска банка ќе се работи на рехабилитација на 13 патни правци во должина од околу 150 км. – рече Заев.

29572910_1739350556124128_561639302346533139_n

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов рече дека испитувањата покажале дека нашите патишта се премногу оштетени и итно е потребна санација за да не дојде до уште поголеми оштетувања. Додаде дека работата на патиштата ќе се одвива во две фази и не може да се почне одеднаш, бидејќи немаат доволно механизација.

Тој најави и модернизирање и електронско наплаќање на патарините, како и зголемување на безбедноста на патиштата.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, вели дека „цела држава ќе биде под градежна офанзива“.