Обиди за поткуп на гласачи забележани во Демир Хисар и во Кочани

На 10 декември во полициската станица Демир Хисар, Д.Т. (25) од Демир Хисар, во својство на набљудувач од граѓанска асоцијација „Цивил“, пријавила поткуп при избори и гласање, кривично дело извршено истиот ден околу 17 часот во селската продавница во село Брезово.

Имено, за глас даден за една политичка партија, на лицето М.С. од Демир Хисар, од страна на лицата Т.П. и Ј.К., му била понудена материјална корист во износ од 1.000 денари. Исто така, околу 17.45 часот од страна на горенаведените лица прекршен е изборниот молк на тој начин што оставиле партиски пропаганден материјал и торба пред влезот од куќата на Љ.К. во село Зашле, Демирхисарско.

Полициски службеници излегле на местото на настанот, при што во дворот од куќата на Љ.К., пронајдено е заклучено возило„БМВ“ со битолски регистарски ознаки, сопственост на Т.П. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот.

Полициската станица Кочани поднесе кривична пријава против С.М. (28) и З.Б. (50), двајцата од село Тркање, поради основан сомнеж декасторил повреда на слободата на определување на избирачите.

Имено, на почетокот на декември, со намера да ги спречат во вршењето на избирачкото право, на лицата М.М. и М.М. повеќепати им нуделе по 1.000 денари, а за тие пари требало да гласаат за една политичка партија или да им ги дадат личните карти и да не излезат на гласање.

Лицата биле приведени во полициската станица во Кочани и при извршен претрес кај нив и во нивните возила, пронајдени се повеќе списоци на лица со име и презиме и пари.