Нова кривична пријава за поранешниот градоначалник на Охрид

Поранешниот градоначалник на Општина Охрид, Александар Петрески, кој издржува мерка притвор, откако беше уапсен во акцијата „Јагула“, и поранешниот директор на јавното претрпијатие „Билјанини извори“ се осомничени дека незаконски дале под закуп градежно земјиште за 308 места за паркирање во центарот на Охрид, соопшти МВР.

Петрески и поранешниот директор на „Билјанини извори“, Б.Ш. (59), се товарат за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а во истиот случај, за кривично дело помагање, пријави се поднесени и против Р.М. (65), С.И. (63) и Љ.С. (36), кои во перидот кога биле извршени делата биле во својство на претседател, односно членови на управниот одбор на „Билјанини извори“.

Според полицијата, Петрески и тогашниот директор на „Билјанини извори“, делото за кое се осомничени, го сториле во 2012 година, кога дозволиле да биде спроведена постапка за период од пет години на приватен закупец да биде издадено уредено градежно земјиште од 308 места за паркирање во центарот на Охрид, а врз основа на фиктивна „Студија за економската исплатливост при стопанисувањето со паркиралиштата во Охрид“.

Тие, како што информираат од МВР, влијаеле врз членовите на управниот одбор да биде променет износот за месечен закуп од 300.000 денари на 160.000 денари.

– Пријавениот Р.М., во својство на претседател на управниот одбро на ЈП „Билјанини извори“, како и С.И. и Љ.С., како членови на управниот одбор, се товарат дека го сториле кривичното дело помагање на пријавените А.П. и Б.Ш. Под нивно влијание, се согласиле со носење противправни одлуки за издавање под закуп на 308 места за паркирање и со носење нова одлука за намалување на месечниот износ за закуп – стои во соопштението од МВР.

Со таквите свои постапки, осомничениот Петрески и поранешниот директор на јавното претпријатие му овозможиле имотна корист на закупецот, односно фирмата Радио-такси „Сузуки МТ “, од вкупно 236.000 евра, до 13 ноември 2012 година и противправна материјална корист во износ од 23.000 евра, на штета на „Билјанини извори“.

На Александар Петрески, ова му е трета кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување. Една му беше поднесена во рамките на акцијата „Јагула, а неколу дена подоцна пријава за истото кривично дело му беше поднесена од охридската полиција, а во врска со 165 незаконски привремени вработувања.