Николовски: Ќе се зголемат субвенциите за лозарите кои имаат насади до 10 хектари


       
Кавадарци, 14 февруари, 2018 - 16:50 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на одбележувањето на денешниот празник на лозарите и винарите, ги информираше лозарите за новите мерки во програмата за поддршка на земјоделството и руралниот развој.

– Оваа година со програмата предвидуваме зголемување на субвенциите за сите лозари кои имаат  лозови насади до 10 хектари. Нашата интенција како политика ќе биде, да ги стимулираме лозарите да го модернизираат производството, и да даваме уште поголема поддршка на категоријата на земјоделци кои што навистина може да го донесат развојот – рече Николовски.

Премиерот Зоран Заев кој исто така денеска беше во Кавадарци, изјави дека Владата почнала разговори со винарниците и откупувачите, за да може да се обезбеди поповолна цена за производителите.

– Убеден сум дека со новите мерки што ги прави Владата, посебно за стимулирање на нови насади, отварањето на нови пласмани и со освојувањето нови пазари, цените на грозјето ќе растат – рече Заев.