Момчиња се обиделе да запалат бездомник во Германија

Германската полиција испитува седум момчиња осомничени за обид да се запали бездомник на метро-станица во Берлин за време на божиќните празници во земјата.

Осомничените се на возраст од 15 до 21 година, соопшти полицијата.

Полицијата наведе дека шест од осомничените во понеделникот ѝ се предале на полицијата, додека седмиот е уапсен откако се објавени фотографии од надзорните камери и снимки од воз.

Триесет и седумгодишниот бездомник спиел на метро-станицата Шонлајнштрасе кога околу 2 часот наутро, во ноќта меѓу сабота спрема недела, му била запалена облеката.

Минувачите го изгасиле огнот на хартијата со која се прекривал, а машиновозачот со апарат за гаснење пожар спречил пожарот да се прошири.

Бездомникот не е повреден во инцидентот.