ЛДП:Директори осомничени во „Транспортер“ директоруваат со поминат мандат

Директори осомничени од СЈО во случајот „Транспортер“ директоруваат во битолските училишта со поминат мандат. Со вакво обвинување денеска излегоа битолските либерал-демократи, кои според официјално достапните документи, тврдат дека директорите на неколку училишта во градот се со поминат мандат и одлуките што ги носат во овој период не можат да бидат законски и одржливи.

Томе Цветковски, потпретседател на општинската организација на ЛДП во Битола, вели дека на директорот на гимназијата „Јосип Броз Тито“, кој е осомничен во случајот „Транспортер“, мандатот за в.д. директор му истекол на 11 јули годинава и досега не добил продолжување.

– Директорката на средното медицинско училиште, и покрај тоа што е под истрага за „Транспортер“, направи долг од 250.000 евра, доби две препораки од Антикорупциската комисија за нејзина смена, сè уште безгрижно седи во директорската фотелја, а мандатот ѝ истекол на 10 јули оваа година. Јавно прашуваме што треба да направи за да биде сменета од директорското место? – вели Цветковски.

Според него, во иста ситуација е и директорката на ОУ „Кирил и Методиј“, а во ОУ „Ѓорги Сугарев“ решението за избор истекува за два дена.

Поради ваквата состојба во битолското образование, либерал-деморатите и денеска побараа итна оставка од Талески и одржување на избори за градоначалник на 11 декември заедно со парламентарните избори.

– Овие аргументи покажуваат дека во Битола владее организиран хаос, а ДПМНЕ продолжува да ја негира реалноста што му се случува на градот – вели Цветковски.