Излезе играта „Senua’s Saga: Hellblade 2“

Играта е втор дел на „Hellblade: Senua's Sacrifice“, која е позната по внимателното обработување на темите поврзани со менталното здравје

Излезе играта „Senua’s Saga: Hellblade 2“, изработена од фирмата Ninja Theory. Во играта контролирате женски лик со проблеми со менталното здравје. Сенуа има свое алтер его што ја води низ авантурите како глас што и шепоти, предупредувајќи ја да е претпазлива. Гласовите се алегорија за параноја или психоза. Таа искусува аудиовизуелни халуцинации и се бори со себе и со непријатели.

Играта е втор дел на „Hellblade: Senua’s Sacrifice“, која е позната по внимателното обработување на темите поврзани со менталното здравје. Имено, за време на правењето на истата, бил ангажиран психијатар, а биле одржани и консултации со луѓе со разни психолошки проблеми. Психолози имаат поздравено како е претставена психозата на главниот лик, сметајќи дека се избегнати стереотипи.

Додека во првата игра психозата на Сенуа и беше слабост, во вториот дел и станува извор на сила за борба. Целата игра е алегорија справување со психолошки проблеми и негувањето на менталното здравје.

Сенуа, главниот лик на двете игри, е жена чие семејство било убиено и го носи черепот на сопругот со себе за да му ја спаси душата, борејќи се со демони во подземјето. Во вториот дел од играта се борите и со луѓе. Симнувањето на херојот во подземниот свет е чест мотив од антиката – го има во „Одисејата“ на Хомер, како и во „Енеида“ на Вергилиј. Во „Senua’s Saga: Hellblade 2“, мотивот е претставен низ призмата на шкотската митологија.

И покрај тоа што играта е сурова, со крв и бројни хорор елементи, Ninja Theory направи култна игра, а најновото издание во франшизата е уште подобро од претходното. „Senua’s Saga: Hellblade 2“ е толку добро сработена, што играчот има чувство дека гејмплејот е анимација.

Двете игри се достапни на Steam.